12 МЕДАЛИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ МАТЕМАТИЧАРИ НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО БУГАРИЈА Ентузијазмот на наставничката Анкица Спасова 12 години е поттик за основците
Некои општини веќе пројавија интерес да покријат дел од трошоците, но тие пари не покриваат сѐ, па ако не се обезбедат спонзори некои деца нема да можат да присуствуваат на натпреварот, вели наставничката Спасова.
Седуммина основци математичари од Македонија се вратија со 12 медали од финалето на Меѓународниот натпревар „Математика без граници“ што се одржа во училиштето „Љубен Каравелов“ во Несебар, Бугарија на почетокот на месецов.
Тие освоија по 5 сребрени и бронзени медали и еден бронзен куп и 1 ѕвезда.
На финалето на натпреварот „Математика без граници“ учествуваа 1.200 ученици од 13 држави – Македонија, Азербејџан, Бугарија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Малта, Романија, Србија, Турција, Узбекистан, Украина и од Филипините.
Македонски претставници на натпреварот беа: Ања Поповска од тетовското ОУ „Лирија“, Анамарија Дафчева, Михаил Лалевски и Андреа Кулевска од ОУ „Тихомир Милошевски“ од Скопје, Јана Спасова, ОУ „Мирче Ацев“ од Скопје, Македон Димитровски од Nova International School од Тетово и Тодор Тодоров од ОУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија.
Натпреварот „Математика без граници“ се состои од 3 круга – есенски, зимски и пролетен, а натпреварувачите се рангираат според успехот што го покажуваат во трите круга.
Речиси сите македонски натпреварувачи се носители на повеќе признанија на различни натпревари кои се организираат во земјата и на меѓународно ниво.
Ања Поповска освои бронзен медал за индивидуално учество на турнирот „Лудовико Ферари“, бронзен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“ и сертификат во тимскиот натпревар, но таа има освоени и низа други медали на општински и републички натпревари.
– Ања во есенскиот круг освои бронзен медал, во зимскиот круг освои златен медал и на пролетниот круг сребрен медал. На натпреварот „Математика без граници“ досега вкупно има освоено 4 златни медали, 1 сребрен медал и 3 бронзени медали. Ања и последователно освојува многу златни медали и останати награди на разни натпревари по математика – на финалето од натпреварот „Кенгур“ има освоено 3 златни медали, на Олимпијада по Кенгур има освоено 1 златен и 1 бронзен медал. На општински и регионални натпревари има освоени 1, 2 и 3 место – вели нејзиниот татко Ѓорѓи Поповски.

Македонската екипа е оформена по овдешниот натпревар кој го организираше Анкица Спасова наставничка од скопското основно училиште „Тихомир Милошевски“. Таа е и неофицијален македонски координатор на овој натпревар.
– Овој меѓународен натпревар се организира веќе 12 години и Македонија редовно учествува на него, освен во 2020 година кога беше корона кризата. Порано на натпреварот учествуваа и математичари од средно образование, но со текот на годините, некако избледе желбата и се сведовме само на основци. Тоа е резултат на фактот што само наставниците по математика се ангажираат да се поттикнат и поддржат талентираните математичари, па се чини дека огромниот напор што треба да се направи за да се однесат учениците на натпреварот ги обесхрабри наставниците и сега учествуваат само ученици од основно образование – вели Спасова.
Таа е задоволна што секое учество на македонските математичари е означено со награди, но вели дека и заедницата, општините, па и државата треба да посветат поголемо внимание на овие деца.
– Организирањето на екипата, патувањето, сместувањето, сето тоа чини. Јас ги поднесувам сите трошоци околу организацијата, но родителите ги поднесуваат трошоците за патувањето и за сместувањето. Некои општини веќе пројавија интерес да покријат дел од трошоците, но тие пари не покриваат сѐ, па ако не се обезбедат спонзори некои деца нема да можат да присуствуваат на натпреварот. Значи сѐ е сведено на умешноста на родителите и желбата на наставниците да има дадат поддршка на децата што ја сакаат математиката. Очекувам поголем интерес од општеството за овие деца во иднина – вели таа.
Спасова додава дека Македонија нема назначено координатор за овој натпревар, па таа ги реализира сите активности поврзани со него.
– Потребно е да се назначи координатор. Секоја земја учесничка на натпреварот, според правилата, има свој координатор, но ние немаме. Јас сега ги извршувам овие работи, но обврската носи голема одговорност и не сум подготвена на вакво нешто и не знам колку ќе трае тоа. Сепак, мојата желба да ги промовирам нашите математичари ме поттикнува да се ангажирам, но не знам колку ќе издржам, бидејќи го работам тоа без никаков надоместок, а има големи трошоци – вели Спасова.
Таа жали што земјава веќе не испраќа натпреварувачи од средно.