12 ГОДИНИ ПЛУСИНФО Пред нас е година на нови предизвици и проекти

Нашите планови одат во насока на збогатување на порталот со мултимедијални содржини и за „освојување“ нови платформи на интернет просторот. Учиме, се усовршуваме, се менуваме себеси, со цел да одговориме на очекувањата на нашите верни читатели, но и да се прилагодиме на потребите на новата читателска публика од помладите генерации.

310

Информативниот портал Плусинфо денеска го слави својот 12-ти роденден. Скромно и работно, како што сме навикнати.

Во оваа прилика сакаме само да повториме нешто што сме го кажале во слични прилики – вложивме многу љубов во овој проект и голем труд нашиот портал да се етаблира како водечки бренд на пазарот на интернет медиуми во Македонија и затоа сме горди на резултатите што ги постигнавме.






Плусинфо и натаму е на врвот на информативните интернет медиуми, со висока доверба и со читаност. Бизнис заедницата ги препознава влијанието и кредибилитетот на нашиот медиум и тоа е основата на која со нашите деловни партнери градиме традиционални односи на соработка, меѓусебна поддршка и општествена одговорност.

Пред точно една година се пофаливме со нов дизајн на порталот и со збогатени содржини на потсајтот Панорама. Годината што измина, пак, ја посветивме на јакнење на човечките ресурси и на вкупните капацитети на редакцијата. Се подготвивме за новите предизвици и проекти.

Нашите планови одат во насока на збогатување на порталот со мултимедијални содржини и за „освојување“ нови платформи на интернет просторот. Учиме, се усовршуваме, се менуваме себеси, со цел да одговориме на очекувањата на нашите верни читатели, но и да се прилагодиме на потребите на новата читателска публика од помладите генерации.

Во оваа прилика, сакаме да им се заблагодариме на сите читатели коишто ги следат содржините на Плусинфо. Нѐ радува вниманието што ни го посветуваат. Нѐ поттикнува нивното љубопитство и разбирањето на нашиот порив секогаш да се трага по вистината, дури и тогаш кога е непријатно таа да се слушне. Ни импонира поддршката за упорноста и доследноста со која објавуваме општествено релевантни мислења, не само такви што се „поклопуваат“ со генералната уредувачка линија на порталот, туку и ставови кои се разликуваат со неа, понекогаш дури и до степен на спротивставеност.

Упатуваме благодарност до сите наши колеги, сегашни и поранешни, кои неуморно и со свежи идеи придонесуваат Плусинфо да го одржи високото ниво на почитување на професионалните и етички стандарди на новинарската професија и да биде пример за објективно и непристрасно информирање и простор за јавна дебата за важни политички и општествени прашања.

Поврзани содржини