117 МЛАДИ ЗЕМЈОДЕЛЦИ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА ПАРИЧНА ПОМОШ ОД 10.000 ЕВРА ОД ДРЖАВАТА Парите ќе ги добијат по локалните избори

За реализирање на мерката државата издвои 1,13 милиони евра.

43

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен. 117 корисници односно апликанти ima за околу 70 милиони денари (1,13 милиони евра), изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Мицкоски рече дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.






– Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци – рече Мицкоски.

Поддршката се доделува на млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години кои поднеле барање не подоцна од 18 месеци од денот на запишувањето на новото земјоделско стопанство или промената за истото во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Доделената финансиска поддршка е неповратен грант од 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци. Исто така, поддршка може да се додели во вид на авансна исплата до 40% од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација на инвестицијата.

Оваа година се олеснија условите за користење на средства за оваа мерка, со цел што повеќе млади лица да ја искористат можноста да започнат да се занимаваат со земјоделство.

Предност им се дава на индивидуални земјоделци, членови на земјоделска задруга, жена млад земјоделец, на баратели со завршено образование од областа на земјоделството или ветеринарството, како и доколку целта на инвестицијата е набавка на земјоделска механизација, набавка на опрема за после бербени активности во растително производство, набавка на опрема за преработки на земјоделски производи или набавка на опрема за сточарско производство (производство на млеко, месо, јајца и нивни преработки).

Поврзани содржини