📽️ ВОЗНЕМИРУВАЧКИ 11 МИНУТИ НА ПЛАЖАТА БОНДИ Татко и син биле напаѓачите во Сиднеј

Терористичкиот напад плажата Бонди снимен од дронови, сведоци и камери ја разоткрива секоја секунда од крвавиот масакр.

1,733

Татко и син стојат зад еден од најсмртоносните терористички напади во поновата историја на Австралија. Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24) се идентификувани како напаѓачи кои во саботата попладне извршија масакр за време на еврејската прослава на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, при што загинаа најмалку 16 лица, меѓу нив и 10-годишно девојче, а повеќе од 40 лица беа повредени.

 






Нападот, кој траел речиси 11 минути, е снимен од повеќе агли – од сведоци, безбедносни камери, дронови и од медиумски екипи, а видеата ја покажуваат ладнокрвноста на напаѓачите, хаосот меѓу цивилите и контроверзното доцнење на полициската интервенција.

Планирање и профил на напаѓачите

Според австралиската полиција, нападот бил внимателно испланиран во објект за краткотрајно изнајмување, оддалечен околу половина час возење од плажата Бонди.

Саџид Акрам во Австралија пристигнал во 1998 година со студентска виза, подоцна добил постојан престој и легално поседувал огнено оружје, со дозвола за рекреативен лов и членство во стрелачки клуб.

Неговиот син Навид, роден во Австралија, им бил познат на безбедносните служби уште од 2019 година поради сомнежи за врски со терористичка ќелија на Исламска држава во Сиднеј. Иако тогаш било проценето дека не претставува „непосредна закана“, истрагата по нападот укажува дека двајцата напаѓачи се заколнале на верност на ИД.

Како започнал масакрот

На новообјавената снимка јасно се гледа моментот кога еден од напаѓачите зазема позиција на пешачкиот мост меѓу Кемпбел Параде и Арчер Парк. Вториот, облечен во бели панталони и со ранец на грб, отвора оган врз лица кои панично се обидуваат да побегнат.

Пукањето е речиси непрекинато. Напаѓачот на мостот периодично застанува за да го наполни оружјето и им се заканува на минувачите кои се приближуваат. Покрај него се гледа и резервна пушка со долга цевка. Во следните шест минути тој само еднаш накратко се симнува по скалите, а потоа повторно се враќа на погорна позиција и продолжува да пука кон толпата.

Вториот напаѓач и херојското разоружување

Во меѓувреме, вториот напаѓач се движи по мостот и се засолнува зад дрво, на триесетина метри од местото каде што семејства со мали деца ја слават Ханука. Продолжува да пука сè додека, според друго потврдено видео, не е нападнат и разоружан од храбар минувач – локален продавач на овошје, идентификуван како Ахмед ал Ахмед.

По кратката борба, напаѓачот успева да се врати на мостот и да земе резервно оружје, но веќе е јасно дека полицијата се приближува.

„Каде е полицијата?“ – минути на страв и хаос

Иако сирени се слушаат уште од првите секунди, а полициско возило поминува во близина само 22 секунди по почетокот на видеото, поминуваат повеќе од четири минути пред да бидат испукани првите полициски истрели кон напаѓачите.

Во видеото се слушаат очајнички повици од сведоци: „Каде е полицијата?“ и „Ги убиваат луѓето!“. По нешто повеќе од четири минути, започнува престрелка. За триесет секунди, напаѓачот во белите панталони е погоден и паѓа на земја. Една минута подоцна, и вториот напаѓач е неутрализиран, што предизвикува аплауз и извици на олеснување кај преживеаните.

Саџид Акрам е убиен на самото место, додека Навид Акрам е префрлен во болница во критична состојба.

 

Сведоштво: „Тоа беше масакр“

Фотограф на британскиот „Дејли мејл“, кој се нашол лице в лице со напаѓачите, сведочи дека видел како црн автомобил застанува, од кој излегуваат двајца мажи, развеваат црно знаме со бел симбол и трчаат кон мостот.

 

– Едниот, помлад, зазеде позиција горе и почна да пука, другиот влетуваше меѓу луѓето. Се криев зад ѕид и фотографирав. Пукањето траеше како вечност. Луѓето лежеа зад автомобили, никој не стоеше исправено – раскажува фотографот.

По престанувањето на пукањето, видел тела на земја и ранети кои се обидувале да им помогнат на блиските.

– Една мајка лежеше неподвижна, а до неа мало дете плачеше. Тоа беше масакр – вели тој.

Поврзани содржини