11 ЛИЦА ПРИВЕДЕНИ НА ИЗБОРИТЕ, ЕДЕН БИЛ ВРАБОТЕН ВО ДИК И покрај инцидентите ова беа најмирните избори во поновата историја, смета Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги оцени локалните избори како најмирни во поновата историја на државата, иако во текот на денот се пријавени 91 настан и приведени 11 лица поради различни нерегуларности.

546

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека денешните локални избори поминале во исклучително мирна и безбедна атмосфера, оценувајќи ги како „најмирните избори во поновата историја на Македонија“.

– Изборниот процес започна во 7 часот, освен на 84 избирачки места каде што имаше задоцнувања од најмногу два часа, претежно поради технички проблеми со уредите за идентификација – изјави Тошковски.






Според податоците на Министерството, во текот на денот биле регистрирани 29 прекини на гласањето, во траење од 15 до 30 минути, најчесто поради технички потешкотии.

– На територијата на целата држава пријавени се 91 настан – дел од нив се однесуваат на агитирање и можен поткуп, дел за сликање на гласачки ливчиња, лепење плакати и закани. По преземените мерки, за 42 случаи постапките се завршени, а во најголем број не се потврдени неправилности – рече министерот.

Тошковски потврди дека 11 лица биле приведени поради различни инциденти – поткуп, уништување на гласачко ливче и фотографирање на избирачко ливче.

– Четири лица се веќе ослободени, а за останатите по завршувањето на постапката очекуваме тие да бидат пуштени. Секторот за внатрешна контрола ќе постапи по сите случаи каде што имало инволвираност на полициски службеници – нагласи министерот.

Тој напомена дека во текот на денешниот ден имало приведување и на едно лице вработено во Државната изборна комисија, но за време на лишувањето од слобода, немало работни задачи.

– Согласно информациите кои ги имам, едно од лицата кое е лишено од слобода е во работен однос во рамките на Државната изборна комисија, но истиот при лишувањето од слобода не ги извршувал своите работни обврски, и е лишано од слобода затоа што одбил да се идентификува – изјави Тошковски.

Тошковски информирааше дека биле пријавени седум настани во кои биле инволвирани полициски службеници, но за шест од нив е утврдено дека нема неправилности, додека еден случај сè уште се расчистува.

Секторот за компјутерски криминал регистрирал и 19 објави на социјални мрежи поврзани со изборите, кои ќе бидат предмет на дополнителна проверка.

– Сакам да им се заблагодарам на сите полициски службеници кои професионално си ја завршија задачата и овозможија граѓаните без проблеми да го остварат своето право на глас. Исто така, им благодарам и на граѓаните за фер и демократскиот пристап – порача Тошковски.

Поврзани содржини