103 НОВИ ДАРИТЕЛИ НА КОСКЕНА СРЦЕВИНА Филипче се запиша во регистарот
Акцијата се одвиваше во рамки на Скопскиот маратон.
Под мотото „Биди срцевина, биди херој“ за време на најголемиот спортски настан во земјава Скопскиот маратон, од ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје успеаа да мотивираат 103 доброволци кои се подготвени да даруваат коскена срцевина.
Целта на оваа акција, поддржана од Министерството за здравство, е преку хуманост и преку донирање крв да се зголеми бројот на дарители и да се подигне свеста за важноста од донацијата на коскена срцевина.
Министерот за здравство Венко Филипче кој се запиша во регистарот на дарители изјави дека е многу важна солидарноста како и можноста секој кој може да спаси човечки живот.
– Фокусирани сме на многу важни сегменти во здравствениот систем. Особено сум горд на успесите во последните три години, кога со кадаверичната трансплантација на органи и трансплантирањето на коскена срцевина од несроден дарител спасивме многу животи – изјави Филипче.
Од клиниката за Хематологијавелат дека со зголемување на бројот на доброволни дарители во Дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат и шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите за кои единствен спас е трансплантација на матични клетки.
– Не мора да сте во добра кондиција и да истрчате 5 километри, но можете да бидете храбар и да се запишете во регистарот на Институтот за имунологија. Треба само да оставете една епрувета крв која ќе се типизира и потоа влегувате во софтверски систем како потенцијален дарител на коскена срцевина, која за многу хематолошки болести е единствен лек. Дарувањето коскена срцевина е комплетно сигурна процедура која може да спаси човечки живот – изјави директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис.
Од 2018 година во нашата земја трансплатациите на органи, ткива и клетки се рутински методи за лекување на тешките витално загрозени пациенти. Во 2018 за прв пат во нашата држава беше направена прва несродна трансплантација на матични хематопетски клетки, во мај 2020 зачука првото трансплантирано срце, 2021 се воведоа трансплантациите на коскено ткиво од починат донор. Нашето јавно здравсто нуди стандардизирана услуга, рамо до рамо со светските центри.