100 ВОЗИЛА ЗА „МАКЕДОНСКА ПОШТА“ Државата влегува во реформа на поштенскиот пазар

Од вкупно 100 возила, 90 се помали, а 10 големи комбиња, со цел подобрување на услугите и заштита на државниот капитал.

399

„Македонска пошта“ идниот месец ќе добие 100 возила како донација од Владата, со што значително ќе се подобрат условите за работа и испорака на поштенските услуги низ државата.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, обраќајќи се на 24-тиот јавен состанок на Агенцијата за пошти, информираше дека од вкупниот број возила, 90 ќе бидат помали комбиња, а 10 големи комби возила, наменети за зголемување на оперативната ефикасност на компанијата.






Николоски истакна дека Владата има јасна обврска и крајна цел – заштита на државниот капитал и негов развој.

Во таа насока, тој најави законски измени и консултации со сите чинители на поштенскиот пазар, кои веќе се во тек. Како што посочи, целта е да се подобрат условите за работа во „Македонска пошта“, да се подигне квалитетот на услугите кон граѓаните и да се овозможи раст и напредок на државната компанија.

– Многу е лесно да се земе профитабилниот дел од пазарот, а „Македонска пошта“ да ја носи целата општествена одговорност – да го однесе писмото и таму каде што никој друг не сака. За ова ќе разговараме во наредниот период, затоа што состојбата не може да остане ваква. Или сите подеднакво ќе го носат товарот, или ќе носиме други одлуки. Мојата намера е „Пошта“ да се издигне, а не да пропаѓа – рече Николоски.

Тој нагласи дека Агенцијата за пошти има клучна улога во регулацијата и обезбедувањето квалитет на поштенскиот пазар, како и во заштитата на конкуренцијата и правата на корисниците.

– Во моментов на пазарот функционираат 29 правни лица, што укажува на високо ниво на конкуренција. Во постојниот закон се имплементирани сите директиви на Европската Унија, со што Македонија континуирано ја следи европската пракса за регулација на поштенските услуги. Сепак, тоа понекогаш создава сериозни предизвици, имајќи предвид дека сме Влада која сака да го штити државниот капитал и да им овозможи напредок на државните компании – додаде Николоски.

На крајот, тој најави дека ќе се работи на зголемување на ефикасноста на услугите преку намалување на трошоците до 15 проценти, како и подобрување на индикаторите за профитабилност за ист процент.

Поврзани содржини