100 ЕВРА КАЗНА АКО НЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ Грција ги предупреди граѓаните што имаат над 60 години

Од 16 јануари во Грција стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација за лицата над 60-годишна возраст.

816

Невакцинираните лица над 60-годишна возраст во Грција имаат уште неколку дена рок да ја примат првата доза за да ја избегнат казната од 100 евра месечно, со оглед на тоа што од 16 јануари стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација за конкретната старосна група, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на редовниот брифинг со новинарите повтори дека оваа одлука е донесена од многу конкретни причини, „бидејќи девет од десет смртни случаи од ковид ја погодуваат оваа возрасна група, седум од десет приклучени на апарати се постари од 60 години, а осум од десет интубирани лица се невакцинирани“.






– Затоа, тоа е одлука која, пред сè, се однесува на заштитата на нивниот живот. Заштита на нивното здравје. Но, не постои задолжителност без последици за оние што ја игнорираат. Не постои изборна задолжителност. Затоа од 16 јануари ќе се применуваат санкциите предвидени со закон и ќе се изрекува административна глоба од 100 евра секој месец, сѐ додека нашите сограѓани над 60 години остануваат невакцинирани – истакна Иконому.

Во однос на пандемијата, тој рече дека епидемиолошките податоци во Европа и во Грција „ни наметнуваат да бидеме во најголема можна готовност“ и затоа, додаде дека во овој момент, не може да има никакво олабавување на мерките, кои воедно, вчера беа продолжени за уште една седмица.

Поврзани содржини