100 ДЕНА ВЛАДА Ковачевски ветува ефикасно, чесно и одговорно владеење

Ковачевски нагласи дека одговорно и со целосна посветеност и внимание во првите 100 дена се фокусирал на формирање и хармонизирање на новиот тим за да ги подготви и спроведе најсоодветните одговори за сериозните предизвици кои нѐ очекуваат.

75

Владата денеска одржа тематска седница посветена на остварувањата и достигнувањата во првите 100 дена од работењето. Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека со оваа седница, како и со настаните кои ќе се случуваат во наредниот период, тој, вицепремиерите и министрите ќе ги сублимираат и презентираат досегашните, како што рече, обемни остварувања.

Ковачевски нагласи дека одговорно и со целосна посветеност и внимание во првите 100 дена се фокусирал на формирање и хармонизирање на новиот тим за да ги подготви и спроведе најсоодветните одговори за сериозните предизвици кои нѐ очекуваат.






– Актуелната Влада си постави и останува на јасната цел – да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење. Тоа се одликите што ги побарав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани, без исклучок – потенцираше Ковачевски.

Тој дополни дека во Програмата на оваа Влада се вклучени и нови, автентични програмски цели кои биле неопходни и произлегле од новите предизвици.

– Клучен, прв приоритет е справување со енергетската криза во државата, којашто е пред сѐ, европска енергетска криза и се чувствува и кај нас, а која доби дополнителни загрижувачки димензии со војната во Украина. Самата воена агресија пак, нѐ исправи пред историски предизвик, како земја членка на НАТО, заедно со нашите сојузници, бескомпромисно да одговориме на овој антицивилизациски чин како што е бруталното кршење на меѓународното право и на сите конвенции за мир и безбедност – нагласи Ковачевски.

Следниот приоритет, истакна Ковачевски, е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза која произлегува од енергетската и воената криза.

Поврзани содржини