10 ТОНИ ТОКСИЧЕН ОТПАД ОТСТРАНЕТИ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ 10 години бил неправилно складиран
Станува збор за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба. Според технологот Трајче Србиновски, кој бил дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, во земјава има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.
Во рамки на Институтот за јавно здравје, лоциран во комплексот на Клинички центар, покрај Министерството за здравство, на улицата 50 Дивизија, повеќе од 10 години се чувале 10 тони опасен хемиски отпад, што можел да предизвика хаварија и претставувал голем ризик за здравјето на луѓето и безбедноста.
Како што информира денеска директорката на Институтот, Марија Андоновска, отпадот е моментно безбедно отстранет и нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор.
Станува збор за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба.
Според Андоновска, отпадот бил многу лесно испарлив и запалив, поради што и претставувал голема потенцијална опасност.
– Немавме упатство за управување со отпадот, но веднаш ги алармиравме институциите. За среќа избегнавме хаварија и го отстранивме. Очекувам одговорност – истакна Андоновска.
Според технологот Трајче Србиновски, кој бил дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, во државата има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.
– Неколку јавни институции не повикаа да направиме увид, да се детектираат критичните точки. Чистењето зависи од обемот на хемикалиите, од начинот како се складирани, а цената е можеби висока зашто активна депонија немаме – објасни Србиновски.
Засега не се знае каде отпадот од ИЈЗ ќе биде извезен и согорен.