10 ТОЧКИ ШТО ГО ТРЕСАТ РЕГИОНОТ Иран ги откри условите за договор со САД

Во Исламабад започнаа директни преговори меѓу Иран и САД, при што Техеран изнесе услови кои вклучуваат укинување санкции, безбедносни гаранции и регионални политички барања.

890

Во Пакистан денеска започнаа преговори на високо ниво меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, што според наводите се прва ваква билатерална средба од 1979 година, при што Техеран ги изнел своите услови за можен договор.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека стабилноста во Либан и во регионот ќе влијае врз исходот од разговорите што се одвиваат со посредство на Пакистан, јави Анадолија.






Тој додаде дека иранската делегација, предводена од претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф, веднаш по пристигнувањето во Исламабад започнала консултации со пакистанските власти.

– Дипломатијата денес е продолжение на одбраната – изјави Багаеи, нагласувајќи дека Иран по речиси 40 дена конфликт влегол во „сложена дипломатска битка“.

Тој посочи дека Техеран останува во тесна координација со своите вооружени сили за да го надгледува примирјето и да одговори на евентуални прекршувања. Според него, во првите часови по прогласувањето на примирјето биле забележани помали инциденти, по кои иранските сили реагирале, додека подоцна не биле пријавени посериозни нарушувања.

Багаеи истакна дека примирјето се однесува на сите фронтови, вклучително и Либан, кој го опиша како клучен фактор, додавајќи дека развојот на настаните таму директно ќе влијае врз текот на преговорите.

Иранскиот предлог-рамковен документ, според неговите тврдења, содржи десет точки, меѓу кои се гаранции за ненапаѓање, задржување на контролата врз Ормускиот Теснец и признавање на правото на збогатување ураниум.

Техеран, исто така, бара укинување на американските санкции, повлекување на резолуции на Совет за безбедност на ОН и Меѓународна агенција за атомска енергија, исплата на отштета, повлекување на американските сили од регионот и прекин на непријателствата на сите фронтови.

Директните преговори започнаа откако делегациите на Иран и САД претходно одделно се сретнаа со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.

Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а во неа се и специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Иранската делегација ја предводи Галибаф, а членови се и министерот за надворешни работи Абас Арагчи и Али Багери Кани.

Пакистан е претставен од министерот за надворешни работи Исак Дар, со поддршка од началникот на армијата генерал Асим Мунир и министерот за внатрешни работи Мохсин Накви.

СПОР ОКОЛУ ИРАНСКИТЕ СРЕДСТВА Вашингтон негира дека попуштиле во преговорите

ДИПЛОМАТСКА ДРАМА ВО ИСЛАМАБАД Иран и САД на одделни средби со премиерот Шариф пред мировните преговори

Поврзани содржини