Д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, кој е доста активен на социјалните мрежи со корисни предлози во битката со коронавирусот, деновиве објави неколку совети за тоа како граѓаните да ја користат маската за таа да ги заштити.
– Веќе осум месеци маските ни станаа секојдневен аксесоар, без кој не тргнуваме никаде. За жал и по толку време, сѐ уште голем дел од населението не знае правилно да ја облекува/соблекува маската, а уште помалку правилно да ја дезинфицира/стерилизира маската за повеќекратна употреба. Неправилното ракување со маската може наместо да штити, да ве зарази со вирусот – вели д-р Беќаровски.
Тој предлага 10 практични совети како да не се случи тоа:
- Кога не ја носите маската мора да е во пластична кесичка, свиткана на половина со надворешниот дел кон внатре!
- При вадење секогаш фатете ја за дршките и така држејќи ставете ја на лице, со задолжително покривање на носот.
- Ако вашата маска има метална преграда на горниот раб, притиснете ја и прилагодете ја кон Вашиот нос.
- Никогаш не ја лизгајте маската кон брадата, бидејќи при оваа манипулација, вирусите ќе се залепат за Вашето лице.
- При вадење на маската таа се држи исклучиво за рачките, а по вадењето се преклопува на половина (види точка 1) по што се одложува во кесичката.
- Маската која повеќе нема да ја употребувате ставете ја во пластична вреќичка, цврсто заврзете ја и одложете ја во ѓубре.
- Платнените маски за повеќекратна употреба, кога ќе дојдете дома, потопете ги во хидроген, варикина, доместос, алкохол и оставете ги 5 минути, или попрскајте ги со спреј за дезинфекција.
- Маската перете ја на 60 или 90 степени.
- Пожелно е да ја испеглате пред секоја употреба.
- Обичните маски ги заштитуваат другите од Вашите флигеови капки и затоа избегнувајте контакти со луѓе кои не носат маски или бидете на растојание од најмалку 2 метра.