10 ПАЦИЕНТИ ОД ДОМАШНИТЕ БОЛНИЦИ ЌЕ БИДАТ ПУШТЕНИ ДОМА Лекувањето ќе биде бесплатно за повредените
Министерот за здравство, Арбен Таравари, потенцираше дека повеќе не се праќаат пациенти надвор од земјата бидејќи сите, кои останаа тука, се стабилни.
Десет пациенти што беа хоспитализирани во земјава денеска ќе бидат испишани од болница, што е добра вест, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција по состанокот на кризниот штаб.
Тој соопшти дека вкупно 162 лица сè уште се лекуваат од последиците на пожарот. Од нив, 47 се во домашните болници: 25 пациенти во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, 12 во ГОБ „8 Септември“, 11 во Градската општа болница и 1 пациент во Штип. Вчера биле отпуштени 3 пациенти, а денеска со болничко лекување ќе завршат уште 10 пациенти – 1 од Штип, 1 пациент од Детска хирургија, тројца од ЈЗУ Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија Скопје и 5 од приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“.
Во странство се лекуваат 115 пациенти. Во Србија има 30 пациенти, од кои двајца се екстубирани. Во Бугарија има 15 пациенти, од кои тројца се екстубирани и сите се во стабилна состојба, иако некои се покритични. Во Грција има 12 пациенти, од кои двајца се во критична состојба.
Во Турција има вкупно се 12 пациенти – 6 во Анкара, кои се веќе екстубирани, како и 6 во Истанбул. Министерот истакна дека 1 пациент во Турција е во многу сериозна состојба, а останатите се во сериозна состојба, но стабилни.
Во Шпанија се 7 пациенти, во Австрија 5, од кои двајца веќе се префрлени во обичен болнички оддел. Во Унгарија има 6 пациенти, од кои еден е фебрилен, а друг има кашлица, додека другите се стабилни.
Во Хрватска има 5 пациенти, од кои еден е интубиран, но стабилен, а другите се сосема стабилни. Во Словенија се четворица пациенти, тројца од нив во посериозна состојба. Во Литванија има четворица, од кои 1 пациент е екстубиран, додека, пак, во Белгија има четворица стабилни пациенти. Во Италија четворицата пациенти веќе се во многу добра состојба, додека, пак, во Шведска има 4 пациенти, од кои двајца се сосема стабилни. Во Полска има двајца пациенти, еден од нив е интубиран, посочи Таравари.
Министерот потенцираше дека повеќе не се праќаат пациенти надвор од земјата бидејќи сите, кои останаа тука, се стабилни.
– Денеска е отворена темата за враќање, се разговара за протоколи за враќање на пациентите од странство, тие по враќањето ќе бидат детално прегледани од домашни доктори пред да бидат пуштени на домашно мирување – појасни Таравари.
Министерот предупреди дека и натаму постои ризик од инфекции, како во земјава така и во странство, но потенцираше дека ќе се преземат сите можни превентивни мерки.
Во однос на трошоците за лекувањето во странство, Таравари јасно рече дека лекувањето е бесплатно. Тој потсети дека Министерството обезбедило и патување за двајца родители или членови од семејството на секој пациент, како и нивно сместување во странство, нагласувајќи дека нема потреба од шпекулации дека некои семејства треба да платат за третманот.
– Во 99% од случаите лекувањето сигурно е бесплатно во странство, обезбедивме и за двајца родители или членови од семејството да патуваат во државите и плус сместување. Нема потреба од шпекулации дека некои семејства треба да платат и нема потреба да се собираат средства. Можеби во некоја држава, но сигурно лекувањето е бесплатно во речиси сите случаи – изјави Таравари.
Пациентите, кои се на домашно лекување, ќе бидат испратени дома по завршените токсиколошки анализи.