10 отсто од фирмите сѐ уште не ги кријат вистинските сопственици
Досега 69.284 субјекти, односно близу 90 отсто од нив поднеле пријава за вистинската сопственичка структура.
Во рамки на законскиот рок, во кој постоечките правни лица имаа обврска во Регистарот на вистински сопственици да го пријават својот вистински сопственик, својата обврска навремено ја завршиле 69.284 субјекти, односно близу 90 отсто од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски.
Тој рече дека минатата недела заврши законскиот рок од три месеци во кој требаше правните лица да го пријават физичкото лице кое директно или индиректно остварува управувачка или контролна улога во еден правeн субјект.
– Податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28 април, се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар – рече Николовски.
Тој додаде дека сега секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.
Вицепремиерот нагласи дека во следниот период институциите треба да вршат контрола на точноста и ажурноста на овие податоци, а постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување.
Овој Регистар, според Николовски, ќе биде и од помош за спроведувањето на Законот за потекло на имот, за кој веќе е подготвена физибилити студијата и формираната Работна група која работи на подготовка на новото законско решение.