10 НОВИ ДЕСТИНАЦИИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ АЕРОДРОМИ Почнува летниот распоред на летови
ТАВ Македонија ги заврши првите два месеци од 2026 година со 539.474 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова е зголемување од 31% на бројот на патници во споредба со истиот период во 2025 година. Во исто време, бројот на летови (3.766) порасна за 14%.
Летниот распоред на летови од двата македонски аеродроми почнува в недела и со него ќе има вкупно 10 нови дестинации – 6 нови авиолинии од Меѓународниот Аеродром Скопје: Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, како и 4 нови авиолинии од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид – Милано, Виена, Вроцлав, Катовице, соопшти ТАВ Македонија.
В недела, Визeр ја воведува новата линија Милано – Охрид, додека на 30 март авиокомпанијата ќе почне да лета од Скопје до Неапол, како нова атрактивна дестинација во Италија, истовремено враќајќи ја редовната линија од нашиот главен град до главниот град на Унгарија – Будимпешта.
Од 2 и 3 јуни, Анадолија џет ќе го поврзе скопскиот аеродромот со Трабзон и Самсун, додека од 15 и 18 јули, Визер ќе го поврзе главниот град на Македонија со Палермо (Сицилија) и Алгеро (Сардинија).
Во рамките на летниот распоред на летови за 2026 година, кој почнува кон крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании ќе летаат до 54 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека истовремено 7 авиокомпании ќе летаат до 24 чартер дестинации, што е вкупно 78 дестинации од главниот град на земјава.
Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во летниот распоред на летови, 8 авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.
По воведувањето на новата авиолинија од Охрид до Милано, во јуни Визер ќе почне да лета и од Вроцлав и Катовице до Охрид.
Од 17 мај, Аустриан ерлајнс ќе почне со летови од Охрид до Виена.
Претходно овој месец, на 17 март, Визер веќе започна да лета од Охрид до Братислава.
ТАВ Македонија ги заврши првите два месеци од 2026 година со 539.474 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова е зголемување од 31% на бројот на патници во споредба со истиот период во 2025 година. Во исто време, бројот на летови (3.766) порасна за 14%.