📽️ 📷 10 МРТВИ И НАД 40 ПОВРЕДЕНИ ВО ТЕРНОПОЛ Жесток руски напад врз Украина со 470 дронови и 48 ракети

Русија нападна со стотици дронови и десетици ракети, уништувајќи станбена зграда во Тернопол и оставајќи илјадници Украинци без струја на екстремно ниски температури.

118

Десет загинати и најмалку 40 повредени е црниот биланс од ноќешниот масовен руски напад со ракети и дронови врз Украина, во кој е погодена станбена зграда во западниот град Тернопол. Горните катови се срамнети со земја, зградата гори, а црн чад се издига над населбата додека спасувачите се борат да стигнат до заробените под урнатините.

Нападот бил насочен и кон енергетската и транспортната инфраструктура низ Украина, предизвикувајќи итни исклучувања на струја токму во период на ниски температури. Украинските власти соопштија дека Русија лансирала повеќе од 470 дронови и 48 ракети, еден од најмасовните ноќни напади во последните месеци.






Полска, како мерка на претпазливост, привремено ги затвори аеродромите во Жешов и Лублин и подигна полски и сојузнички авиони за заштита на својот воздушен простор, бидејќи нападите се случуваа во близина на границата.

Министерот за внатрешни работи Игор Клименко потврди дека сите десет жртви се од Тернопол, а меѓу повредените има дванаесет деца.

– Неколку лица се’ уште може да бидат под урнатините – предупреди тој.

 

Претседателот Володимир Зеленски порача дека ваквите напади докажуваат колку е неопходна посилна меѓународна реакција.

– Секој напад врз обичниот живот покажува дека притисокот врз Русија е недоволен. Ефективните санкции и дополнителната помош за Украина можат да го променат тоа – порача тој, барајќи повеќе противвоздушни системи.

Енергетските претставници велат дека инфраструктурата е погодена во седум региони, а во Лвов биле слушнати силни експлозии. Точниот степен на штетата допрва ќе се проценува, но ограничувањата за користење на електрична енергија веќе се воведени низ земјата.

Поврзани содржини