🎥 ЗАПЛЕНЕТИ 10 КИЛОГРАМИ КОКАИН СО УЛИЧНА ВРЕДНОСТ ОД 1 МИЛИОН ЕВРА Кучето ја надушкало дрогата, возачот е приведен

За споредба, оваа количина запленета во само една акција е еднаква на онаа што претходната влада ја заплени за целиот свој мандат од 7 години, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

142

Околу 10 килограми кокаин се најдени во патничко возило „бмв х5“ управувано од И.Е.(26) од Скопје, кое на 31.12.2025 година околу 14:30 часот во селото Горно Количани, Скопско, било сопрено од полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје. Поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик возило е одземено за понатамошна проверка.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека уличната вредност на запленетиот кокаин изнасува 1 милион евра.

„Околу 10 килограми кокаин, со улична вредност од приближно еден милион евра, наменети за македонскиот пазар и за нашата младина, се тргнати од улица во една координирана полициска акција. За споредба, оваа количина запленета во само една акција е еднаква на онаа што претходната влада ја заплени за целиот свој мандат од 7 години. Оваа акција е јасен показател за променетиот пристап и за зголемената оперативна ефикасност на институциите. Активностите за сузбивање на организираниот нарко-криминал продолжуваат континуирано, системски и без отстапки, со цел трајна заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните“, напиша Тошковски на Фејсбук.






На 01.01.2026 полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје во координација со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, службеници од Царинската управа со службено куче по претходно обезбедена судска наредба извршија претрес во возилото, при што во импровизиран бункер во подвозјето на возилото пронајдени се и одземени околу 10 килограми кокаин.

Пријавениот И.Е. е лишен од слобода и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 26-годишникот кој го управувал автомобилот за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. За осомничениот ќе биде предложена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и веројатност да продолжи да врши кривични дела.

Бидејќи станува збор за големо количество дрога, јавниот обвинител издава повеќе наредби со цел испитување на потеклото на кокаинот и неговата крајна дестинација, како и можни други инволвирани лица.

 

 

Поврзани содржини