10 ГОДИНИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ДА СЕ ЗАВРШАТ МОСТОВИТЕ НА ШИЛЕГОВ Само 18 од 100 предмети се завршени за експропријација
Сите овие постапки ќе траат со години, а средствата на скопјани наместо да се наменат за конкретни проекти во инфраструктура, водовод, канализација, заштита на животна средина треба да бидат заробени затоа што Шилегов и СДСМ почнувале проекти без било каков конкретен план знаејќи дека не може да се реализира уште 10 години, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Со денови трае преписката помеѓу претставниците на двете најголеми политички партии во земјава, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, околу тоа како функционира и како функционирала локалната власт во Град Скопје.
Прво од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија бившиот градоначалник Петре Шилегов, дека градот го оставил во долг од неверојатни 160 милиони евра. Од СДСМ возвратија со констатацијата дека Данела Арсовска има опасни намери, бидејќи се откажала од изградбата на мостовите на АСНОМ и Љубљанска.
Контра-реплика стигна повторно од опозицијата, од каде откриваат дека мостовите требало да се градат на приватно земјиште, односно дека претходниот градоначалник не го завршил процесот на експропријација.
– Мост АСНОМ од Аеродром кон Гази Баба, од 100тина има само 18 решени предмети за исплата на земјиште. 12 предмети се уште во постапка без согласност за цена, 25 предмети во подготовка, 11 предмети со повеќегодишни имотно правни спорови меѓу сопствениците, 44 имоти имаат постапки со барања за приватизација,16 имоти имаат утврдено корисничко право. Сите овие постапки ќе траат со години, а средствата на скопјани наместо да се наменат за конкретни проекти во инфраструктура, водовод, канализација, заштита на животна средина треба да бидат заробени затоа што Шилегов и СДСМ почнувале проекти без било каков конкретен план знаејќи дека не може да се реализира уште 10 години – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.