10 ГОДИНИ БЕЗ ШАРПЛАНИНСКИ КУП И БЕЗ МОДЕРЕН СКИ ЦЕНТАР НА ПОПОВА ШАПКА Некогаш овде скијаа големи асови на европското скијање

Шарпланинскиот куп и Попова Шапка се брендови кои што треба да се искористат за развој на Шар Планина, која треба да биде еден од најголемите економски проекти на Македонија. За историјатот на Шарпланинскиот куп пишува Жарко Трпкоски од Ски клубот Љуботен.

458

Шарпланинскиот куп за прв пат се одржал во 1947 година како меѓународно Балканско првенство, на иницијатива на Меѓународната скијачка федерација за развој на алпското скијање на Балканскиот регион, преку Скијачкиот сојуз на Југославија, со седиште во Белград.

Одлуката да се одржи на Попова Шапка е донесена бидејќи Попова Шапка е веќе препознаена како скијачки центар со најдобри патеки и со најголем потенцијал во Југославија и на Балканот.






На тој натпревар зеле учество селекциите на Унгарија, Романија, Бугарија и на Југославија како домаќин. Натпреварот се одржал во дисциплината смук, на патеката Церипашина, со должина од 4.500 метри и висинска разлика од 740 метри. Победник бил Петер Цикло од Унгарија, пред Југословените Славко Луканц и Цирил Прачек. Екипниот пласман бил следниов: 1. Југославија 2. Романија 3. Бугарија и 4. Унгарија.

Шарпланинскиот куп, како Балканско првенство, продолжил да се одржува секоја година, станувајќи традиционален.

Во 1953 година е промовиран од меѓународната скијачка организација во FIS B (втор ранг во светското скијање), меѓународен натпревар на кој учествуваат врвни скијачи од Европа. Како таков, успешно се одржува до 1957 година.

Славните години на Европскиот куп на Шар Планина

Во 1969 година, набрзо по возобновувањето во 1967 година,  Шарпланинскиот куп  е промовиран во ранг на Европски куп и како таков се одржува до 1986 година, кога, поради слабостите во техничката организација, му е одземен рангот од страна на FIS.

Во периодите кога Шарпланинскиот Куп бил во рангот на FIS B, а потоа во Европскиот куп, учестувале извонредни скијачи од најјаките алпски нации, кои потоа биле освојувачи на многу високи места и медали во Светскиот куп и на Олимпијадите: Tine Milej (JUG) трикратен победник, Ernest Oberaigner (AUT), учесник на Олимпијадата во Squaw Valley 1960, Tedi Einschuss (SUI), Leopold Gruber (AUT) двократен побeдник, Johan Kniewasser (AUT), Colo Gabriele (ITA),  Alexandar Zhirov (RUS), Peter Lyscher (SUI) – севкупен победник на Светски Куп 1979, Nana Matteo (ITA) и многу други познати скијачи.

Шарпланинскиот куп беше мегдан за најголемите европски асови на скијањето

 

Во 1994 година, во самостојна Македонија и штотуку примена за членка во FIS, на иницијатива на Ски клубот Љуботен, возобновен е Шарпланинскиот куп, сега под  покровителство на Претседателот на Републиката, господинот Киро Глигоров, официјално како обичен FIS натпревар, но со ниво и намера што поскоро да се поврати и рангот на Европски куп.

Во 1999 година, по успешно одржaните Шарпланински купови, од челниците на FIS добива статус на кандидат за организација на Европски куп, но веќе во 2001 година, поради познатите воени настани, дојде до двегодишен прекин.

Во 2003 година, пак, по иницијатива на Ски клубот Љуботен, продолжува одржувањето на Шарпланинскиот куп во наредните години. По  двегодишен прекин 2007-2008 година, во 2009 година, повторно по иницијатива на Ски клубот Љуботен, Шарпланинскиот куп се возобновува, овој пат многу успешно. Продолжува да се одржува до 2013 година, кога конечно згаснува.

Без колективен респект за оваа манифестација

Шарпланински куп е една од најпознатите и најреномираните спортски традиционални меѓународни манифестации во нашата земја, чиј покровител беше Претседателот на Републиката.

Ако се погледа континуитетот на одржувањето на Шарпланинскиот куп, се забележуваат повеќекратни прекини од кои најголеми се 10-годишниот прекин помеѓу 1957 и 1967 година,  8-годишниот прекин помеѓу 1986 и 1994 година и последниов 10-годишен прекин од 2013 година.

Кои се причините за прекините?

Недостасува колективен  респект кон оваа манифестација. И покрај високиот  ентузијазам на добар дел од учесниците во организацијата, редовно се појавуваат други „актери“, на кои нешто им фали, хејтаат и се незадоволни, без визија и без волја за развој..

За разлика од реномираните вакви манифестации кои немаат прекини, како на пример Hahnenkamm Rennen – Кitzbuhel, Lauberhorn – Wengen, Златна Лисица – Марибор,  Покал Витранц – Крањска Гора, Снежна Кралица – Загреб, каде сите до еден, вклучително и институциите на државата, „застануваат“ зад ваквите проекти, без исклучок.

Се разбира, има и други причини, како недоволната поддршка од Општината, мешање во стручната работа во организацијата на политичките актери поставени од Владата како покровител на Шарпланинскиот куп, лошата состојба на ски-центарот Попова Шапка, особено во скијачката инфраструктура (жичари, ратраци, вештачки снег), лошата состојба на постоечките и недостаток на нови хотелски капацитети, недоволната поддршка од скијачката федерација, а и честите прекини исто така се причина кои го нарушуваат континуитетот на ентузијазмот и на кадровската организација.

Последниот удар врз ски-центарот

Еклатантен пример е последниот прекин во 2013 година, кој  e „заслуга“ на тогашниот претседател на Организациониот комитет, поставен од Владата која беше покровител. Тој, со одеднаш зголемени амбиции на „скијачки експерт“, го отстрани Ски клубот Љуботен од организацијата и за само неколку години успеа не само да го „згасне“ Шарпланинскиот куп, туку и да ја упропасти Попова Шапка со промашени инвестиции:

Големи уништувања на ски-патеките на Попова Шапка

 

  • Бaзенот за акумулација кај меѓустаницата на жичарата за Церипашина, упропастувајќи ги FIS патеките Орлова и Езерино; и
  • Катастрофално избраната траса на ултра модерната шестоседа жичарница Leitner, со почетна станица на главните извори на Попова Шапка за тетовскиот водовод.

Ова второво предизвика огромна штета со промена на трасата, копање на цело брдо и уништување на ски-патеките, копање „патишта“ за камионите за дотур на столбовите и предизвикување огромно еколошко уништување. Конечно, по 6 години, во 2021 година, шестоседата жичарница некако се стави во функција, со сомнителна употребна дозвола и со висок степен на ризик, но и без санирање на оштетувањата, што беше обврска со решенијата на инспекцијата од животна средина.

Да заклучиме. Шарплансинскиот куп и Попова Шапка се големи брендови базирани на традицијата и на извонредните природни потенцијали, но, за жа, се неискористени за развојот на Шар Планина. Таа би можело да биде еден од најголемите економски проекти на Македонија, со своите индентифицирани потенцијали со ски-патеки од 100.000 метри вкупна висинска разлика, кои нудат капацитет од 1.000.000 скијачи во 18 ски центри поврзливи меѓу себе, од Љуботен до Враца, според студиите на AKAU 1968 нарачана од OECD и AKAU 1974 нарачана од Општина Тетово.

Поврзани содржини