10 ДЕНА РОК ПРЕД ОДЛУКА ЗА УДАР Според Трамп разговорите врват добро, Техеран негира
Продолжениот рок за американските напади до 6 април ја одложува ескалацијата, но неизвесноста околу преговорите останува висока. Американскиот претседател вели дека разговорите течат многу добро, додека Иран негира дека има преговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи рокот до 6 април за можни напади врз иранската енергетска инфраструктура. Потегот доаѓа во екот на војна што веќе ја тресе глобалната економија.
Преку „Трут Соушл“, Трамп објави дека ги става во мирување заканите за дополнителн и десет дена. Претходно најави само петдневен прекин. Истовремено предупреди дека ќе следи засилен притисок ако нема договор.
„Разговорите се во тек и одат многу добро“, напиша Трамп.
Иран побарал седум дена пауза?
Американскиот претседател не откри со кого се водат разговорите. Дел од иранските функционери беа убиени во конфликтот. Техеран, пак, тврди дека нема директни разговори со Вашингтон.
Според медиуми, постојат разлики околу паузата. Трамп тврди дека Иран побарал седум дена. Според „Волстрит Џурнал“, кој се повикува на посредници во мировните преговори, Иран не побарал ваква пауза.
„Најлош кошмар“
Техеран предупреди дека ќе возврати со напади врз енергетската инфраструктура во Персискиот Залив. Трамп, пак, најави дека САД ќе станат „најлош кошмар“ ако барањата не се исполнат.
Тој предложи и премин на десет танкери како гест. Во игра останува и опцијата за контрола врз иранската нафта.
Иран збира војска, САД планираат удар
Новинската агенција Тасним, повикувајќи се на воен извор, објави дека Иран мобилизирал повеќе од милион борци во подготовка за можен копнен конфликт со Соединетите Американски Држави.
Мобилизацијата доаѓа во услови на зголемени тензии во регионот и растечки шпекулации за можна американска копнена воена операција во јужен Иран, особено околу Теснецот.
Нафтата „скокна“ за 40 проценти
Војната што почна на 28 февруари, веќе однесе илјадници животи. Цените на нафтата пораснаа за околу 40 проценти. Цените на азотните ѓубрива, клучни за храната, се зголемија за 50 отсто.
Ормускиот Теснец низ кој минува петина од светската нафта е делумно блокиран и во воена опасност. Иран веќе го ограничува извозот.