10.000 ДЕНАРИ ЗА НОВОРОДЕНЧЕ И „ЦЕНТАРСКА КАРТИЧКА“ Герасимовски ветува подобар живот за младите семејства
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави зголемување на надоместокот за новороденче и нови инфраструктурни и социјални проекти за подобар живот на центарци.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, каде во рамки на средбите „од врата до врата“ разговараше со жителите на Центар и најави нови мерки за поддршка на семејствата.
Главната новина во неговата програма е зголемувањето на надоместокот за новороденче од 7.000 на 10.000 денари, што, како што рече, е конкретна мерка за подобра финансиска поддршка на младите родители.
– За 50% го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка ги поддржуваме центарските семејства во најважниот период кога се раѓа нов живот. Родителите добиваат поголема финансиска поддршка во моментот кога им е најпотребна – истакна Герасимовски.
Тој додаде дека развојот на Општина Центар мора да продолжи, а новата програма под мотото „За Центар што го сакаме“ нуди реални решенија за поквалитетен живот на жителите.
– Развојот мора да продолжи, а тоа ќе го постигнеме ако сите заедно се обединиме „За Центар што го сакаме“. Затоа, ве повикувам во недела, 19 октомври, масовно да излеземе на гласање и да го дадеме својот глас за бројот 5 – за напреден и модерен Центар – порача Герасимовски.
На средбите со граѓани, тој ги презентираше и клучните проекти за вториот мандат, меѓу кои: модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за намалување на метежот, изградба на две монтажни катни гаражи, нов административно-граѓански објект, два покриени базени, како и воведување на „Центарска картичка” со бројни поволности и попусти за жителите.
– Во изминативе години покажавме што значи одговорно и посветено водење на општина. Реализиравме проекти што го подобрија секојдневието, уредивме улици, зголемивме зеленило и создадовме подобри услови за младите и повозрасните – рече Герасимовски.