1,8 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РАЗВОЈ НА УРБАНИ И СЕЛСКИ СРЕДИНИ Владата ќе инвестира во 47 проекти со кој ќе се промени животот во регионите
На истата владина седница беше усвоен и Меморандум за соработка со организацијата Македонија 2025, кој ќе овозможи институционална поддршка во повеќе клучни области.
Владата денеска донесе одлука да одвои 116 милиони денари за финансирање на 47 проекти насочени кон развој на урбаните и специфичните подрачја, селата и центрите во планските региони. Средствата се доделуваат на предлог на Министерството за локална самоуправа.
– Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака – секој регион, секое село и секој урбан центар заслужува услови за подобар живот. Преку овие проекти градиме праведна и рамномерна држава, каде што развојот не е концентриран само во неколку центри – велат од Владата.
Проектите се насочени кон:
– урбан развој и подобрување на условите за живеење во градските средини,
– одржлив развој на селата,
– поддршка за инфраструктурни и економски иницијативи во планските региони,
– и подготовка на активности за 2025 година во рамки на долгорочната стратегија за регионален развој.
– Со реализирање на овие проекти, директно се влијае врз подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на нееднаквостите меѓу регионите и поттикнување на локалниот економски раст – информираат од владината прес-служба.
На истата владина седница беше усвоен и Меморандум за соработка со организацијата Македонија 2025, кој ќе овозможи институционална поддршка во повеќе клучни области:
– подобрување на врските со македонските иселеници,
– враќање и реинтеграција,
– поттикнување на инвестиции од дијаспората,
– развој на претприемништво,
– дигитална трансформација,
– и поддршка за иновации и научен развој.
– Со овој меморандум градиме мост меѓу татковината и нашите луѓе кои живеат надвор. Сакам да порачам – секој иселеник е вреден капитал за нашата иднина. Ги отвораме вратите за враќање, инвестирање и активно учество во економскиот и општествениот живот на државата – велат од Владата.