1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ДАЛЕ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА СТРАНСКИ ТУРИСТИ НАМЕСТО ЗА РАЗВОЈ Агенцијата за туризам нема капацитет да ги спроведе проектите за кои зела пари од ЕУ

Заглавени проекти за формирање развојни туристички зони и авто-кампови, несразмерна распределба на парите за субвенционирање во туризмот, како и недоволна способност да се реализираат преземени проекти кои ги финансира Европската унија, констатирал државниот ревизор во последниот извештај од ревизијата на финансиското работење на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во 2023 година.

726

Милионски суми за туризам, а резултатите – заглавени во лавиринт од бирократија, пропаднати јавни повици и нефункционални системи. Ревизорите открија слика што повеќе наликува на хаос отколку на стратегија. Неефикасност, некоординираност и сериозни пропусти во трошењето на јавните пари ја дефинираат работата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во 2023 година.

Ништо од туристичките зони – проектите тапкаат во место






Звучи добро на хартија, ама во реалноста – развојните туристички зони се мртва буква. Проектот „Езеро Треска“ е заглавен во правна магла. Комисијата за јавно наддавање наишла на ѕид од законски и административни пречки, а Владата – како да не ѝ е гајле – не дала ниту еден сигнал како понатаму.

Во Дојран исто сценарио. Обидот да се продаде земјиште за туристичка зона пропаднал со нула понуди. Никој не се пријавил. Нула интерес. Нула резултати.

Во Велес и Петровец требаше да никнат автокампови. Велес стигнал до урбанистички документ, ама не и до реална постапка. Петровец уште се подготвува. Туристи – никаде, кампови – уште помалку.

Проектот за национална мрежа на патеки – одличен наслов за презентација, но ништо повеќе од тоа. Иако идејата е пуштена по институционалните ходници, дел од нив не одговориле, а другите – само забелешки. Без елаборати, без договори, без реализација.

Измените на законот што требаше да го олеснат процесот се чекаат од 2021 година. И сè уште се чекаат.

Закон што никој не го применува и институции што си пречат меѓусебно

АППТ работи со закон што не може да го примени. Се судрува со други закони, нејасни надлежности, неусогласени постапки. Има проблеми во имплементацијата на законот, особено околу усогласувањето со Законот за градежно земјиште, дефинирањето на надлежности, постапката за јавно наддавање и категоризацијата на автокампови.

Владата дури донела одлука – Министерството за транспорт и врски да направи работна група за измена на законот. Добра идеја, ама до моментот на ревизијата – нема ништо конкретно преземено.

Туризмот, наместо да се развива, се дави во регулативи што си противречат.

Пари има, резултати нема – каде завршија 80 милиони денари?

АППТ лани потрошила 80,4 милиони денари (околу 1,3 милиони евра). Звучи добро, нели? Ама само на хартија. Ревизорите откриле дека парите се трошат нерамномерно – субвенциите за странски туристички промет растат, а за промоција и домашна поддршка – пад.

Така, државата се обидува да привлече туристи без доволна промоција. Со други зборови – пумпаме пари, ама никој не знае дека постоиме.

Субвенции за организиран туристички промет: 99,94% реализирано.
Промоција: 86,41% реализирано.
Поддршка на туризмот: само 9,96%.

Значи, пари се делат, но ефектот изостанува. Особено во регионите каде туризмот едвај преживува. Место да ги поддржиме најслабите, парите одат таму каде што веќе има пазар.

Има стратегии – ама секој си тера по свое

Нема анализа за домашниот пазар. Нема единствен туристички систем. Нема вистинска соработка со општините. Секој си прави свое, без координација, без резултат. Стратешките документи се множат – но никој не гледа што има во нив.

Имате чувство дека државата се труди да развие туризам со едната рака, а со другата – си ги удира сопствените потпори.

Пари од игри на среќа само на хартија

Законот вели дека АППТ треба да добие 7% од приходите од игрите на среќа. Ревизијата вели – тие пари не стасуваат. Иако салдото на нивната сметка покажува 320 милиони денари, Министерството одобрило само 40,5 милиони од побараните 60.

И сега имаме парадокс: агенцијата има пари на хартија, ама не смее да ги користи. А обврски вредни речиси 8 милиони денари – остануваат неисплатени.

Европските пари останаа во Брисел

Проектот „АБОВЕ“ – звучен, амбициозен и… за малку пропаднат. Финансиран со 85% европски пари, проектот не ги повлекол средствата навреме. Поради задоцнета документација, речиси 96.000 евра ќе треба да се покријат од домашен буџет. А требало да бидат подарок.

И не е само тоа. Договор за медиумска кампања од 1,2 милиони денари – со непочитување на постапки и без јасни докази дека некој навистина бил информиран. Google, YouTube, Facebook? Во статистиките – можеби. Во ревизорскиот извештај – со знак прашалник.

АППТ склучила договор за јавна набавка во вредност од 1.230.000 денари (20.000 евра) за интензивна промоција на туристичкиот потенцијал во рамки на проектот „АБОВЕ“, со цел да се информираат најмалку 50.000 потенцијални туристи преку Google Ads, YouTube, LinkedIn, Twitter и Facebook. Ревизијата утврди отстапување од договорните обврски и укажува на непочитување на процедурите за јавни набавки.

А дигитализација? Само додека трае гаранцијата!

Изработена е мобилна апликација и официјална веб-страница. Добро. Ама функционирале само додека траел договорениот период на одржување – 12 и 18 месеци. Потоа – молк. А требало да траат до 2026 година. Ниту АППТ реагирала, ниту некој побарал одговорност.

Одржливост? Само како збор на презентација. Реално – мртва функција.

Внатре – неорганизирано, надвор – неефикасно

Ревизијата на крај го отвора и најболното прашање – внатрешното функционирање на АППТ. Нема усогласени сметководствени податоци. Нема доволно евиденции. Прописите се применуваат штуро. Советот на Агенцијата не функционира.

Системот, место да биде мотор на туризмот, повеќе личи на сопирачка.

Поврзани содржини