1.200 РУСКИ БОМБИ ВРЗ УКРАИНА ЗА СЕДУМ ДЕНА Зеленски бара ракети и воведува санкции за Москва
Русија испука илјадници дронови и ракети врз Украина за една седмица. Украина воведува санкции за рускиот финански сектор и бара ракетно оружје. Украинскиот претседател предупреди дека кога светот не реагира, нападите стануваат почести и посурови.
„Повеќе од 2.000 ударни дронови, 1.200 наведувани воздушни бомби и 116 ракети од различни видови беа испукани од Русија кон нашите градови и села само оваа седмица“.
Вака изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Телеграм, пренесена од Укринформ.
Нападите, според неговите зборови, не биле изолирани удари, туку континуиран притисок кој траел речиси секој ден. Мета биле енергетскиот сектор, логистичката инфраструктура и станбените објекти, дури и додека траела дипломатската активност насочена кон постигнување мир.
Ако светот молчи, ќе има побрутални напади
Украинскиот лидер предупреди дека игнорирањето на овие напади води кон нивно засилување и поголема бруталност.
– Не можеме да ги затвораме очите пред руските напади. Кога светот не реагира, нападите стануваат почести и посурови. Можеме да ги запреме само со вистинска поддршка за Украина и за нашите сили – порача тој.
Зеленски истакна дека на Украина ѝ се неопходни ракети за системите за воздушна одбрана и оружје за војниците кои секојдневно ја одбиваат агресијата.
– Цената на оваа воена агресија за Русија мора да стане толку висока што војната ќе престане да им биде прифатлива – изјави Зеленски, заблагодарувајќи им се на сојузниците кои соработуваат со Киев за заштита на цивилите и за постигнување, како што рече, фер мир.
Санкции за Москва
Паралелно со овие пораки, украинскиот претседател потпиша одлука за воведување нови санкции против рускиот воено-индустриски комплекс и финансискиот сектор, како и структури поврзани со рускиот крипто-пазар и рударството. Одлуката следеше по масовен воздушен напад од руска страна.
– Во саботата навечер Русија започна уште еден масовен напад со повеќе од 400 дронови и речиси 40 ракети – соопшти Зеленски.
Тој оцени дека ваквото оружје не би можело да се произведува без критични компоненти кои Русија продолжува да ги набавува од странство, заобиколувајќи ги санкциите.
– Токму против тие компании, добавувачи на компоненти и производители на ракети и дронови, воведуваме нови санкции. Ги потпишав соодветните одлуки – нагласи Зеленски.
Нов руски напад
Попладнево руските сили повторно го нападнаа Киев со балистички ракети, а денеска е издадено предупредување за воздушен напад во голем број области на украинскиот главен град.
„Експлозии во главниот град. Киев е нападнат со балистички ракети. Силите за воздушна одбрана реагираат. Ве молиме останете во засолништата!“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.