ЗОШТО СИТЕ ОРГАНИЗМИ НЕ СЕ ИДЕНТИЧНИ? Нобеловата награда за медицина доделена на научниците кои го решија овој проблем
Американските научници беа првите кои ја открија микроРНК-та и начинот на кој таа ги контролира нашите гени за да создадат клетки со различна намена.
Сите наши клетки носат иста ДНК, но произведувајќи различни протеини се „специјализираат“ па стануваат клетки од мускул, нервни клетки, клетки кои сочинуваат некој орган…Начинот на којшто ова се случува долго беше непознат во медицината, а двaјца американски научници оваа година ја добија Нобеловата награда за таквото откритие.
Виктор Амброс и Гери Рувкун објаснуваат како она што се нарекува микроРНК влијае на гените за да даваат интрукции за разноликост. Нивните откритија помагаат да се објасни колку комплексен живот се појавил на Земјата и како човечкото тело е направено од широк спектар на различни ткива, пренесува Би-Би-Си.
Толку многу разновидност може да произлезе од истиот почетен материјал поради генската експресија.
Американските научници во 1993 година беа првите кои ја открија микроРНК-та и начинот како таа врши контрола врз овој процес преку генот наречен „лин-14“.
„Без способноста да се контролира генската експресија, секоја клетка во организмот би била идентична, така што микроРНК помогнале да се овозможи еволуција на сложени форми на живот. Абнормалното регулирање со микроРНК може да придонесе за рак и за некои состојби, вклучително и вродено губење на слухот и нарушувања на коските. Тежок пример е DICER1 синдромот, кој доведува до рак на различни ткива и е предизвикан од мутации кои влијаат на микроРНК-та“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет во Институтот Каролинска во Стокхолм во Шведска.
Амброс и Рувкун ќе поделат награда од 11 милиони шведски круни.