ЗОШТО ПИКОЛОМИНИ ГО ЗАПАЛИ СКОПЈЕ? На денешен ден гореше „градот голем колку Прага“
Пиколомини и самиот умира од колерата, а се заразуваат илјадници во неговата војска. Но, неговата приказна не завршува тука. Таа е неразделно сврзана со приказната на македонскиот јунак Карпош кој ги предводел ајдуците. Тој се надевал дека со продирот на Австроунгарија ќе може да бидат избркани Османлиите и да биде создадена македонска држава. Ваква надеж постоела и во Србија и во други делови на Балканот. Само недели пред доаѓањето на австриските војски во скопскиот регион, меѓу Скопје и Ќустендил било кренато Карпошовото востание.
„Градот Скопје е голем речиси колку Прага. Тој е без ѕидини и ровови. Го најдов напуштен и лишен од сите скапоцености, но богато е снабден со стоки. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот.“
Вака го опишал Скопје, австроунгарскиот генерал Пиколомини, кој на денешен ден наредил палење на градот во кој завладеала колерата. Но, дали Пиколомини имал и друга причина да го гледа главниот град како гори три дена? Многу сметаат дека тоа било одмазда за опсадата на Османлиите на Виена која се случила шест години претходно во 1683 година. Години подоцна, во 1689, Австроунгарија овојпат со помош на Полска, Рим и Русија формирала Света Лига која ги потиснала Турците на југ.
Пиколомини и самиот умира од колерата, а се заразуваат илјадници во неговата војска. Но, неговата приказна не завршува тука. Таа е неразделно сврзана со приказната на македонскиот јунак Карпош кој ги предводел ајдуците. Тој се надевал дека со продирот на Австроунгарија ќе може да бидат избркани Османлиите и да биде создадена македонска држава. Ваква надеж постоела и во Србија и во други делови на Балканот. Само недели пред доаѓањето на австриските војски во скопскиот регион, меѓу Скопје и Ќустендил било кренато Карпошовото востание.
Дали Карпош се сретнал со Пиколомини? Историските извори кажуваат малку за тоа дали и како востаниците соработувале со австроунгарските војски. Познато е дека во периодот по 28 октомрви, не се знае точно кога, Карпош бил набиен на колец на Камениот мост во Скопје. Неговите војници заминале за Украина, тогашна Русија, во област која денес се нарекува Македонија. Тие му служеле на рускиот цар, а нивните имиња можат да се најдат во архивите. Дел од војниците заминале да живеат во Војводина во Србија.
Еве како се одвивале битките.
Карпош набиен на татарските копја
Карпош бил ајдутин родум од Куманово. Имал жена и две деца, а во почетокот работел во рудниците. Потоа формирал ајдучка чета на Доспат планина. Бил син на сиромашен мелничар. Во востанието, Карпош бил прогласен од народот за „Крал на Куманово“, титула која подоцна била признаена и од австрискиот цар Леополд I (1640-1705). Како чин на признавање од страна на австрискиот цар, Карпош добил од него и калпак, грб и сертификат, со кои му се признава власта врз териториите под негова контрола. Исто така му бил доделен и чин на генерал.
На задушување на големата буна, на помош на турските војски им пристигнал кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и жестоки татарски одреди. На советувањето во Софија, на 14 ноември 1689 година, било решено во напад да се тргне преку Ќустендил, односно најпрвин да се ликвидира Карпошовото востание.
Прва на удар била Крива Паланка, каде неколку илјади востаници се подготвувале за напад на Ќустендил. Дознавајќи за големата надмоќност на противникот, востаницте ја запалиле Крива Паланка и отстапиле кон Куманово. Веќе идниот ден турските и татарските одреди се појавиле и пред овој град. Востаниците го дочекале непријателот пред новоизградената тврдина. Во судирот бил заробен Карпош заедно со голем број востаници. Последен отпор бил даден од тврдината, која била преземена на јуриш, а нејзините бранители биле уништени.
Победниците сега се упатиле кон Скопје, водејќи ги со себе заробените востаници. Во Скопје, крај Камениот мост на Вардар, Карпош бил изведен пред Селим Гирај, набиен на колец, а потоа избоден од татарските копја и фрлен во реката. Тоа се случило во првите денови на декември 1689 година. Трагичната смрт на Карпош истовремено го означувала и крајот на востанието.
Големото иселување на народот од Македонија кон север, преку Дунав во Војводина и во Кримска Русија значело дека територијата останала празна и била полека населувана од други народи.

Преку Ниш кон Скопје, Софија и Видин
Задушувањето на Карпошовото востание не значело и повлекување на австорунгарските војски. Всушност тие брзо се спуштале од север. По битката кај Ниш поразената отоманска војска започнала да се повлекува кон Софија, Косово и Скопје. Во Скопје се прибрале до 40.000 души-бегалци, но градот послужил и како пункт за собирање на војници. Од друга страна, австриската страна покажала големаактивност во зацврстувањето на заземените позиции, и во зајакнувањето на воениот потенцијал.
Набргу по победата кај Ниш австриската војска се поделила на два дела. Главниот дел на војската на чело со Лудвиг Вилхелм Баденски се упатила кон Видин. Вториот дел на војската што бил под команда на Силвио Пиколомини започнал да напредува кон Ново Брдо, Качаник и над патот што од Врање водел кон Скопје.

По Скопје војските влегле во Тетово, Штип, Велес…
Војските продолжиле на југ. Во писмото до австрискиот цар Леополд I, генералот Пиколомини пишува:
„По повлекувањето од Скопје, австријците извршиле уште неколку пробиви во длабината на македонската територија. Таков еден пробив извршил херцогот Холштајн, кој во меѓувреме го заменил умрениот од чума Пиколомини. Тргнувајќи од логорот крај кумановското село Оризари, австриските одреди се нашле пред Штип, во зорите на 10 ноември 1689. Тука дошло до најжестокиот и најголем судир помеѓу австриските и турските војски на територијата на Македонија. Оставајќи зад себе околу две илјади мртви, турските војски биле принудени на повлекување.“
„Австријците го запалиле градот, а потоа на враќање, тие разбиле уште еден турски одред од 300 души. Во средината на ноември кон Тетово биле испратени доброволци Албанци-католици, кои успеале да уништат преку 600 Турци и да запленат неколку стотици грла добиток. Најпосле, на 20 декември од Приштина кон Велес тргнал еден австриски одред, во чиј состав имало и Срби, предводен од капетанот Саноски. Одредот влегол во Велес, каде биле отепани триесет Турци, а имало и заробени. Градот бил ограбен и делумно запален, но на враќање одредот бил нападнат од јаничари, при што Саноски добил смртоносни рани“, му пишува Пиколомини на царот.
Манифест и заштитните писма од Леополд I
Царот Леополд бил активен поддржувач на балканските востанија во тоа време. Тој на 6 април 1690 година, издал манифест, со кој ги повикува „сите народи кои по сета Албанија, Србија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Рашка живеат, да им се придружат на Австријците и против Турција на оружје да се дигнат“. Речиси истовремено, на 26 април 1690, Леополд издал и едно писмо со кое го земал под заштита македонскиот народ.
„Со ова известуваме дека двајца Македонци Марко Креида, роден во Кожани и Димитриј Георги Поповиќ, роден во македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со жар и ревност кон нашата служба, со сериозна намера е склоно да премине од преголемиот турски јарем под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост и сигурно покровителство. Поради тоа, согласно со нашата вродена добрина, со која, поттикнати од милоста да им укажуваме заштита на оние што ни се приврзани нам и на светата христијанска религија, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска милост во секој начин и вид гореспомнатиот македонски народ, љубезно препорачувајќи им, поединечно и на сите наши волни заповедници, да не го напаѓаат споменатиот македонски народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку според силите, секојпат и во секоја околност да го заштитуваат, бранат и да му помагаат за таа цел“.
На 31 мај 1690 царот издал уште едно писмо, со кое ја проширил својата заштита на населението во Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа Македонија одново станала длабока провинцијана Османлиското Царство, па манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое позначајно дејство врз положбата на македонскиот народ.

Скопје е најубав град на Балканот
Стравотниот пожар што на 25 октомври 1689 година го предизвикала австриската војска под водство на генерал Пиколомини, насилно го прекинал молскавичниот процут на градот. Останале само градбите од камен, Калето, неколку џамии, црквите „Свети Димитрија“ и „Свети Спас“ и големиот Карван-Сарај. Во тоа време Скопје бил развиен град и најголем трговски центар на Балканот:
„Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов многу прекрасни градови благословени од Бога, но ниту еден од нив не ме импресионираше со својата убавина како рајскиот град Усќуп низ кој тече реката Вардар.“
Со овие зборови, напишани пред 350 години, турскиот писател Дулгар Деде го опишал Скопје, воодушевен од неговиот изглед во средината на 17 век. Во патописите на познатите светски патници од тој период, Скопје е претставен како голем град со развиено занаетчиство и индустрија, крстосница на трговските патишта од Белград до Солун, омилено место за пазар на богатите трговци од Дубровник, град во кој имало дури 700 кожарници.
Скопје два века не можело да се опорави
Цели два века Скопје не можело да се опорави од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението по пожарот се намалил на 10.000. Градот се обновувал мошне бавно и не можел да го врати стариот сјај и значењето од 17 век. Во следните 200 години бил мал и непознат град, се’ до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и почнале да се градат нови објекти. Во обновата и развојот многу помогнала и изградбата на пругата Белград-Солун во 1873 година, која поминувала низ Скопје.