ЗОШТО МОСКВА ГО ЗАПЛАШУВА БУГАРСКИОТ НОВИНАР ХРИСТО ГРОЗЕВ Набеден дека учествувал во киднапирање руски воени авиони

Бугарија мора остро да реагира на обидот на Русија да го заплаши нејзиниот новинар Христо Грозев, вели поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски.

635

Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, за Нова коментира дека властите во Софија не треба молчејќи да го игнорираат случајот со новинарот Христо Грозев, откако Москва по него распиша федерална потерница и да ја повикаат руската амбасадорка Елеонора Митрофанова со барање за објаснување од неа, јави дописникот на МИА од Софија.

Ова, според Нејнски, е дел од политиката на заплашување што Русија ја спроведува не само против опозицијата во сопствената земја, туку и кон странските граѓани и новинари кои се осмелуваат да ја кажат вистината.






– Вистината не се почитува многу кај државниот врв во Москва и не може да има успешна пропагандна машинерија ако има луѓе како Христо Грозев, кои разоткриваат што прави Русија – рече Нејнски.

Според неа, Бугарија треба жестоко да реагира на обидот да се заплаши и нападне новинар кој си ја врши работата. За Бугарија ќе биде многу понижувачки ако овој случај помине во тишина.

– Мислам дека треба да биде повикан руската амбасадорка во Софија и случајот да се објави во европските институции – , додаде Нејнски.

Новинарот од истражувачкиот сајт Bellingcat е ставен на федерална листа на барани лица од Русија. Ова беше објавено на веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи, пренесе ТАСС. На веб-страницата на Министерството се вели дека тој е „баран според член од Кривичниот законик“.

Во јули, руската истражна служба ФСБ соопшти дека Христо Грозев бил вклучен во операција на украинската воена разузнавачка служба за киднапирање воени авиони од Русија. Службата тврди дека пронашла двајца курири кои биле вклучени во префрлање пари од украинското разузнавање на руски пилот за киднапирање авион.

Новинарот негира дека е вмешан.

– Немам поим на која основа Кремљ ме стави на листата на барани лица, па затоа не можам да дадам никаков коментар во овој момент. На некој начин, сепак, тоа не е важно. Тие со години јасно покажаа дека се плашат од нашата работа и дека нема да застанат за да ја спречат – одговори новинарот Грозев на Твитер..

Коментаторите под објавата за тоа дека е на листата на барани дебатираа за најдобриот начин да го убијат: со чекан („како што е сега модерно“), или со чадор со отров, или само да го застрелаат. „Овој бугарски циган кој веројатно е Романец“, цитираше Бугаринот дел од последователните реакции на веста.

Христо Грозев учествувал во неколку истраги за Алексеј Навални. Поточно, тој беше меѓу оние што го истражуваа труењето на лидерот на руската опозиција во август 2020 година.

Москва го осуди Bellingcat како „непожелна“ организација, велејќи дека таа претставува закана за безбедноста на земјата. Минатата година Bellingcat беше прогласен за „странски агент“ во Русија.

Откако Москва испрати војници во Украина во февруари, Bellingcat во голема мера се фокусираше на документирање на наводните руски воени злосторства.

Поврзани содржини