ЗОШТО ИМААТ И ТРАМП И ХАРИС ШАНСА ЗА ПОБЕДА? По 5 аргументи за секој кандидат
Доналд Трамп го сметаат за силен човек во нестабилен свет, а Камала Харис ја сакаат бидејќи не е Трамп, а ниту, пак, Џо Бајден.
Еден ден пред претседателските избори во САД, трката за Белата куќа е во ќорсокак – и на национално ниво и во секоја американска држава поединечно, пишува Би-Би-Си, со оценка дека анкетите се толку блиску, што и републиканскиот и демократскиот кандидат, Доналд Трамп и Камала Харис, би можеле да победат.
Како што е наведено, постојат по 5 веродостојни аргументи зошто секој од нив би можел да има предност.
Трамп не е на власт
Британскиот портал првин анализираше зошто Трамп може да победи и како аргумент „за“ наведе дека тој не е на власт, а економијата е проблем број еден за гласачите, а и повеќето Американци секој ден се борат со зголемувањето на трошоците за живот.
Постпандемиската инфлација достигна нивоа што не се забележани од 1970-те, давајќи му можност на Трамп да ги праша гласачите: „Дали ви е подобро сега одошто пред четири години?“
Само четвртина од Американците велат дека се задоволни од насоката во која оди земјата, а две третини имаат лоши економски перспективи. Харис се обидела да биде таканаречениот кандидат за промени, наведува Би-Би-Си.
Трамп е отпорен на лоши вести
Како уште една причина „за“ се наведува дека се чини дека Трамп е отпорен на лоши вести, а републиканците тврдат дека е жртва на „политички лов на вештерки“. И покрај последиците од немирите на 6 јануари 2021 година во американскиот Капитол, низата обвиненија и од невидената кривична пресуда, поддршката на Трамп остана стабилна цела година на 40% или повеќе.
Неговите предупредувања за илегалната имиграција се уверливи
Третата причина зошто Трамп може да победи на изборите е тоа што неговите предупредувања за илегалната имиграција се уверливи, односно, покрај состојбата на економијата, за изборите честопати одлучува прашањето што најмногу емотивно ги привлекува гласачите.
Се наведува дека демократите се надеваат дека тоа е проблемот со абортусот, додека, пак, Трамп „игра“ на прашањето за миграцијата.
Откако нелегалните преминувања на границите достигнаа рекордни нивоа за време на Бајден, а приливот ги зафати државите далеку од границата, анкетите покажуваат дека гласачите повеќе му веруваат на Трамп во врска со имиграцијата.
Сѐ повеќе луѓе во САД се необразовани
Четвртата причина зошто Трамп би можел да победи е тоа што сѐ повеќе луѓе немаат дипломи и дека апелот на Трамп до гласачите, кои се чувствуваат заборавени, ја трансформира американската политика со трансформирање на традиционалните демократски изборни единици, како што се синдикалните работници, во републикански изборни единици.
Се додава дека ако одѕивот се зголеми во руралните и во приградските области на таканаречените „свинг“ држави, тоа може да ја надомести загубата на умерените републиканци со факултетско образование.
Трамп се смета за силен човек во нестабилен свет
А како последна причина зошто републиканскиот кандидат би можел да победи на изборите, се наведува дека тој е доживеан како силен човек во нестабилен свет и дека сепак својата непредвидливост ја гледа како сила и посочува дека за време на неговиот престој во Белата куќа не започнаа големи војни.
Многу Американци се гневни, од различни причини, што САД испраќа милијарди во Украина и во Израел, и мислат дека Америка е послаба под Бајден. Повеќето гласачи, особено мажите на кои Трамп им се додворуваше, го гледаат како посилен лидер од Харис.
Камала не е Трамп
Би-Би-Си издвои пет причини зошто Харис би можела да победи, од кои првата е дека „таа не е Трамп“, кој и покрај неговите предности, останува длабоко поларизирана фигура.
Се нагласува дека овој пат Харис игра на факторот страв од враќањето на Трамп, нарекувајќи го „фашист“ и на факторот закана за демократијата, ветувајќи дека ќе се оддалечи од „драмата и од конфликтот“.
Камала не е ни Бајден
Како уште една причина зошто Харис може да биде избрана, се наведува дека таа не е „ни Бајден“ – демократите се соочуваа со сигурен пораз во моментот кога Бајден се откажа од трката за претседателската функција. Партијата беше обединета во желбата да го порази Трамп, па демократите бргу ја поддржаа Харис.
Додека републиканците ја поврзуваа со непопуларната политика на Бајден, Харис некои од нивните линии за напад, што беа специфични за Бајден, ги направи излишни.
Се залага за правата на жените
Трета причина во корист на Харис е тоа што таа се залага за правата на жените, особено за правата на абортус, за што се вели дека е прашање што може да има вистинско влијание врз исходот од гласањето.
Овој пат, 10 држави, вклучително и Аризона, ќе имаат иницијативи за гласање со кои ќе ги прашаат гласачите како треба да се регулира абортусот, што би можело да го зголеми одѕивот во корист на Харис. Историската природа на нејзиниот обид да стане првата жена претседател, исто така, може да ја зголеми нејзината значајна предност меѓу жените гласачи.
Поверојатно е да гласаат поддржувачите на Харис
Четврта причина е што има поголема веројатност да излезат гласачите на Харис, како што се високообразованите и постарите луѓе.
Тоа се поткрепува и со фактот што на крајот од кампањата, демократите постигнуваат подобри резултати во групите со висока излезност, додека, пак, Трамп напредувал во групите со релативно слаб одѕив, како што се младите мажи и оние кои немаат завршено високо образование.
Камала потроши повеќе пари на кампањата
Како последна, петта причина зошто Харис би можела да победи на изборите, Би-Би-Си наведува дека таа собрала и потрошила повеќе пари за кампањата – таа собрала повеќе откако станала кандидат во јули отколку Трамп во целиот период од јануари 2023 година, покажа неодамнешната анализа на Фајненшал сервисес која исто така наведува дека нејзината кампања потрошила речиси двојно повеќе за рекламирање.
Тоа би можело да игра улога во тесната трка за која на крајот ќе решат гласачите во „свинг“ државите кои во моментов се бомбардирани со политички реклами.