ЗОШТО Е ВАЖНО ЗАСЕДАНИЕТО НА АВНОЈ ЗА МАКЕДОНИЈА Денот кога Македонците станаа конститутивен народ на југословенската федерација
Со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, одржано во Јајце на 29 ноември 1943 година, нова Југославија се конституира како федеративна држава составена од шест републики на пет нации. Со тоа е прекинат континуитетот со Кралството Југославија, во кое не било признаено постоењето на македонскиот народ.
Малку е познато дека денешниот ден, 29 ноември, некогашен Ден на републиката, кој беше централен празник во поранешна Југославија, е ден кога на Второто заседание на АВНОЈ во 1943 година во градот Јајце во Босна и Херцеговина, Македонците и Македонија се признаени како посебен конститутивен народ во идната југословенска федерација, заедно со Црногорците, Србите, Хрватите и со Словенците.
Врз основа на одлуките на АВНОЈ, Македонија го црпи изворниот суверенитет на државата формирана на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“. Врз основа на тој принцип, Република Македонија во 1991 година мирно се раздружи од федерацијата и се осамостои како независна држава.
Второто заседание на АВНОЈ (Антифашистичко собрание-веќе за народното ослободување на Југославија) било највисоко политичко и претставничко тело на антифашистичката борба на народите на Југославија. Меѓу делегатите доминирале претставниците на Комунистичката партија, но имало делегати од партии и странски од предводена Југославија.
Од Македонија биле избрани или кооптирани 42 делегати, но тиие, поради отежнатите воени услови, не успеале да присуствуваат на Заседанието. До почетокот на Заседанието, по радио-врска биле пријавени само 7 избрани делегати. И покрај нивното отсуство, Верификациониот одбор на АВНОЈ ги прифатил нивните мандати. Тоа биле Методи Андонов-Ченто, Бане Андреев, Михаило Апостолски, Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Мара Нацева и Владо Поптомов. Следните денови по радиоврска биле испратени и имињата на останатите избрани делегати.
Со одлуките на АВНОЈ, нова Југославија се конституира како федеративна држава составена од шест републики на пет нации. Со тоа е прекинат континуитетот со Кралството Југославија, во кое не било признаено постоењето на македонскиот народ.
Во точката 2 од Одлуката на АВНОЈ за изградба на Југославија на федеративен принцип, се вели:
„За да се оствари принципот на сувереноста на народите на Југославија, за да претставува Југославија вистинска татковина на сите свои народи и за да не стане никогаш веќе домен на која и да било хегемонистичка клика, Југославија се изградува и ќе се изгради врз федеративни принципи, кои ќе им осигураат целосна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и на Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина“.
Заседанието донело одлуки со кои биле конституирани највисоките органи на државната власт на Демократска Федеративна Југославија (ДФЈ). Бил формиран Национален комитет за ослободување на Југославија, како највисок извршен орган на власта, односно како орган кој ќе ги извршува одлуките на АВНОЈ до формирањето на влада после ослободувањето на земјата. Овој орган ги имал сите прерогативи и овластувања на Привремена влада на ДФЈ. Освен претседателот Јосип Броз Тито и тројцата потпретседатели, имало повереници што ги раководеле одделните поверенства што извршувале задачи на извршни ресорни органи на власта.
За потпретседатели на АВНОЈ биле предложени Димитар Влахов и Владимир Поптомов, кој не ја прифатил функцијата.