ЗОШТО АЛЦХАЈМЕР ГИ БРИШЕ СЕЌАВАЊАТА ЗА НАЈСАКАНИТЕ? Научниците велат дека можеби откриле зошто доаѓа до заборавање на најблиските кај Алцхајмеровата болест

Еден од најтешките моменти во прогресијата на Алцхајмеровата болест е кога пациентите престануваат да ги препознаваат лицата на оние што им се најблиски, губејќи ги спомените за семејството и пријателите.

126

Новото истражување нуди зрак надеж и потенцијално објаснување зошто доаѓа до еден од најтешките моменти во прогресијата на Алцхајмеровата болест, кога пациентите престануваат да ги препознаваат лицата на оние што им се најблиски, губејќи ги спомените за семејството и пријателите.

Имено, научниците открија клучен механизам зад ова болно губење на социјалната меморија, отворајќи ја вратата за нови опции за третман, пишува Science Alert.






Пад на „заштитната мрежа“ во мозокот

Студија спроведена на глувци, предводена од научници од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вирџинија и Технолошкиот институт во Вирџинија, откри дека клучна улога во ова постепено губење на меморијата може да играат нарушувања во специјализираните структури кои ги поддржуваат врските меѓу невроните.

Овие структури, познати како периневрални мрежи, формираат матрица околу невроните во одредени делови од мозокот, каде што ги стабилизираат синаптичките контакти и обезбедуваат правилна комуникација, која е клучна за складирање на спомените.

– Наоѓањето на структурната промена што го објаснува специфичното губење на меморијата кај Алцхајмеровата болест е многу возбудливо – вели невронаучникот Харалд Сонтхајмер од Универзитетот во Вирџинија. „Тоа е сосема нова цел, а ние веќе имаме соодветни кандидати за лекови.

Надежен експеримент

Научниците се сомневаа дека влошувањето на овие мрежи може да игра улога во прогресијата на болеста.

Нивната студија врз глувци покажала дека откако периневралните мрежи се влошиле во дел од хипокампусот познат како CA2, животните ја изгубиле способноста за препознавање на другите глувци. Интересно е што тие ја задржале способноста да формираат нови сеќавања за предметите во нивната околина, што потсетува на искуствата на луѓето со Алцхајмерова болест, кај кои социјалната меморија често бледнее пред меморијата на објектите.

– Кај Алцхајмеровата болест, луѓето имаат тешкотии да се сетат на своето семејство и пријателите поради губење на меморијата позната како социјална меморија. Откривме дека обвивка слична на мрежа позната како периневрална мрежа ги штити овие социјални сеќавања – објасни водечкиот автор Лата Чаунсали, дипломиран студент по невронаука.

Тимот, исто така, тестирал дали може да ја спречи оваа загуба. Тие користеле инхибитори на ензимот MMP, кои може да ги стопат протеините во периневралните мрежи. Глувците со Алцхајмерова болест кои ги примиле овие инхибитори претрпеле помалку оштетувања на мрежите и задржале повеќе функции на социјална меморија.

– Во нашата студија со глувци, кога ги задржавме овие мозочни структури недопрени рано во животот, глувците кои ја имале болеста подобро се сеќавале на своите социјални интеракции – вели Чаунсали.

Милиони заболени и патот до лек

Се проценува дека денес живеат со деменција околу 55 милиони луѓе, при што Алцхајмеровата болест сочинува повеќе од 60 проценти од случаите. Се очекува тој број да продолжи да расте со стареењето на населението. Новите наоди се ветувачки, но истражувачите нагласуваат дека се прелиминарни и дека се потребни многу повеќе истражувања за да се потврдат резултатите и нивната применливост кај луѓето.

– Нашето истражување ќе ни помогне да се приближиме до наоѓање нов, нетрадиционален начин за лекување или, уште подобро, спречување на Алцхајмеровата болест, нешто што е многу потребно денес – додаде Чаунсали.

Сонтхајмер заклучи со претпазливост:

– Иако имаме лекови кои можат да го одложат губењето на перинеуроналните мрежи и со тоа да го одложат губењето на меморијата кај болеста, треба да се направат повеќе истражувања за безбедноста и ефикасноста на нашиот пристап пред да може да се примени кај луѓето.

Поврзани содржини