ЖИВОТОТ НЕ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ВАКОВ! Разбојникот што ќе ги освои симпатиите на заложниците и на полицијата
Дали сме подготвени да бидеме возрасни? Што кога ќе имаме лош ден? Што кога животот ќе тргне во правец кој не сме го замислувале ниту посакувале? Возрасните, сепак, мора да преземат одговорност за своите постапки, а „...понекогаш е полесно да се живее со сопствената панична вознемиреност доколку човек барем знае дека и некој друг не е среќен“.
„Вознемирени луѓе“ на популарниот шведски писател Фредрик Бакман е роман кој користејќи ги елементите на трилерот и на комедијата зборува за сериозни нешта кои го измачуваат современиот човек.
Дали сме подготвени да бидеме возрасни? Што кога ќе имаме лош ден? Што кога животот ќе тргне во правец кој не сме го замислувале ниту посакувале? Возрасните, сепак, мора да преземат одговорност за своите постапки, а „…понекогаш е полесно да се живее со сопствената панична вознемиреност доколку човек барем знае дека и некој друг не е среќен“.
Романот „Вознемирени луѓе“ (Антолог, 2021, и со одличен превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ) зборува за човек кој сака да ограби банка за да ја плати киријата, откако претходно поради прељуба на партнерот бил исфрлен од работа и од домот во кој живеел со својот партнер и со децата. Апсурдноста на настаните што следат почнува оттаму што разбојникот се обидува да ограби банка која не работи со готовина. Оттаму, разбојникот се упатува во соседната зграда каде случајно налетува на презентација на стан кој е огласен за продажба.
Неколкуте заинтересирани купувачи и агентката за недвижности стануваат заложници на разбојникот кој носи фантомка преку лицето и има пиштол за кој мисли дека е играчка.
Секој од ликовите има своја уникатна животна приказна, раскажана со многу детали и со симпатии. Еден вид стокхолмски синдром се случува меѓу разбојникот и заложниците и меѓу разбојникот и полицајците. Разбојникот им се открива на заложниците, сочувствува со нив, им се извинува, а тие сакаат да му помогнат да ѝ избега на полицијата. Самиот полицаец кога ќе се соочи со разбојникот и ќе ја дознае причината што го втурнала кон криминално дело, ќе му предложи како да излезе од ситуацијата и да се спаси без да одговара. Знаејќи при тоа дека ќе мора да му ги замрси конците на својот син полицаец, кој ја води истрагата.
Мошне вешто писателот го сплел раскажувањето за случките во романот, лесно се движи меѓу блиското и подалечното минатото на ликовите и сегашноста. Паралелно ни ги прикажува и заложничката драма и иследувањата кои течат во полициската станица откако ќе заврши таа драма. Дијалозите во полициската станица ја откриваат сета апсурдност на истрагата, зашто заложниците не сакаат да го откријат разбојникот и цело време го дефокусираат младиот неискусен полицаец, кој брзо сфаќа дека еден од нив или сите нешто кријат.
Романот зборува за односот меѓу таткото и синот, полицајци во мал шведски град, но и за односите во нивното семејство. Мошне лесно и неосетно, писателот нѐ зближува со сите ликови и со нивните судбини, кои се испреплетени и нивните односи допрва ќе се развиваат. А сите нив ги поврзува еден мост од кој скокнал еден човек откако загубил сѐ за време на светската банкарска криза и ги оставил сопругата и ќерките сами да пловат во животот; сопругата не може да го прежали и оди на психолог, но не било кој, туку кај психологина која всушност самата како тинејџер сакала да скокне од истиот мост, а ја спасил младиот полицаец кој тогаш бил тинејџер, а сега ја води истрагата на заложничката драма во која разбојникот е всушност изневерена жена…
Мајсторски напишан, користејќи ги можностите на граматиката, писателот го доведува читателот во мала забуна за ликот на разбојникот, со што всушност ја интензивира напнатоста во романот. Читателот, неспорно, истовремено со полицајците ја води својата лична истрага… Писателот полека и темелно го деконструира заплетот истовремено ставајќи ги сите камчиња од приказната на свое место.
Овој роман е задолжително четиво за секој што сака да пишува, за водењето дијалози, за тоа како на тристотини страници може добро да се запознаеме со десетина животни судбини, и какви сѐ можности отвора пишувањето на едно дело, кое истовремено е интересно, заводливо, поучно и забавно. По успехот на книгата снимена е и истоимена серија на Нетфликс.