ЖИВЕЕМЕ ЛИ ВО СИМУЛАЦИЈА? Тој што го испрограмирал универзумот или е Бог или вонземјанин

Некои луѓе сметаат дека тоа што постои Бог не го нарушува фактот што постои слободна волја, туку напротив, самиот Бог, создавајќи го светот, морал да го направи така за секој човек да има право на избор. Право на колку избори? Па, на бесконечно многу избори. A за секој направен избор, Бог знае однапред како ќе се одиграат картите. Ем волкот сит, ем овците на број.

614

Илон Маск мисли дека не постоите, туку дека сте испрограмирани. Но, тоа не е ништо лично: тој и сам за себеси мисли дека не постои. Барем не во буквалната смисла на зборот. Наместо тоа, ние сме само некакви софтверски конструкции кои работат на огромна компјутерска симулација која некои вонземјани ја создале, пишува статија на Гардијан.

Маск изјави дека шансите се милијарди спрема една дека ние всушност живееме во „основната реалност“, односно физичкиот универзум. Оваа идеја е изненадувачки популарна меѓу филозофите, па дури и некои научници. Нејзината модерна верзија се заснова на важен труд од 2003 година, „Живееме ли во компјутерска симулација?“, од шведскиот филозоф Ник Бостром.






Оваа идеја има долга историја во филозофскиот скептицизам  – тоа е идејата дека не можеме ништо со сигурност да знаеме за надворешниот свет. Кинескиот таоистички мудрец Жуанг Це напишал прославена басна за човек кој не можел да биде сигурен дали е човек кој сонува да биде пеперутка или пеперутка што сонува да биде – човек.

Филозофот Рене Декарт, на пример, си замислувал дека можеби е изманипулиран од „злобниот демон“ кој ги контролира сите сензации што тој ги доживеал во животот. Слично на ова, американската филозофка Хилари Путнам го измислила терминот „мозок во шкаф“ за да опише слична идеја.

фото: твитер

Три аргументи против симулацијата

Но, додека во филмот Матрикс, главниот лик Нео навистина е мозок (или поточно цело депилирано тело) во тенџере, хипотезата за симулација вели дека вие немате физичко тело никаде. „Вие“ сте само резултат на математички пресметки во некој огромен компјутер.

Секако, оваа идеја може да се побие со многу аргументи признава филозофот Бостром кој ја постави во јавноста. Еден од нив е следниот аргумент. Можеби едноставно не е возможно суштествата симулирани на компјутер да станат свесни онака како што ние сме свесни.

Друг добар аргумент би бил дека можеби сите цивилизации се уништуваат себеси пред да дојдат до фазата на симулација. Ова е малку апокалиптично сценарио.

Трета можност е дека можеби напредните цивилизации едноставно не се заинтересирани да прават такви симулации, што е изненадувачки, ако земеме предвид какви сѐ не работи веќе прават луѓето на денешницата. Човештвото денес веќе развива технологија за лажни видеа или истражување како да се направат вирусите повирулентни. Тие работи на прв поглед се чинат како злобни, но не се ли истовремено корисни?

Кога некој ве гледа, сакате да бидете интересни

Хипотезата за симулација е можеби привлечна затоа што личи на теорија на заговор. Таа е како научник да ти тврди дека Бог постои, само што со зборот „Бог“ ги нарекува вонземјаните на кои им е досадно, па прават разни експерименти. Секако, научниците не се исто што и верниците, но ефектот на крајот на денот теоријата е подеднакво штетна. На крајот на краиштата, научник не смее да тврди нешто ако не е испитано, а оваа приказна за семоќните вонземјани е доволно добра за да ги заведе кон религијата.

Но, ако вонземјаните навистина се нашите богови, тогаш како треба да им угодиме? За почеток, научниците сигурно не веруваат дека треба да следиме некакви 10 заповеди. А она што е сигурно дека ако верувате дека некој ја гледа симулацијата е дека ве набљудува од забава. Ова значи дека сте склони да мислите дека треба да станете добри актери, јаки несекојдневни ликови. Некој дури можеби ќе помисли дека му е задача да го колонизира Марс, за да ги импресионира вонземјаните. Звучи познато?

„Ако можеби живеете во симулација, тогаш сè останато ви е исто, па изгледа дека треба помалку да се грижите за другите“, заклучува економистот Робин Хансон во неговата книга „Како да се живее во симулација“.

фото: твитер/huffpost/принтскрин

Не е битно дали сме во симулација, туку која е нејзината цел?

Според Хансон свеста дека живеат во симулација ќе ги натера луѓето „да живеат во моментот“. Ова изгледа убаво на прв поглед. Но, има и други попесимистички гледишта – дека нашиот живот во симулацијата е обичен и однапред решен, па оттука и бесмислен.

Еден филозоф од Австралија, Дејвид Чалмер, сепак, не сака да биде песимист. Тој прашува, а што ако токму таа матрица од Матрикс полна со единици и нули, како во некоја виртуелна ВР-реалност е вистинското нешто? Тој нѐ потсетува дека во самата физика денес постои теорија дека реалноста е создадена од информации, т.е. дека квантното поле кое е основа на универзумот е мрежа од вакви основни информации, големи колку една Планкова должина или можеби помали.

Настрана сето ова, некои луѓе ги мачи друга мисла. Побитно од тоа дали сме во симулација или не, е прашањето што би била целта на симулацијата? Можеби овие вонземјани, (или кој и да е што ја измислил симулацијата) сакаат да видат колку време ќе им треба на луѓето за да докажат дека се во симулација. Во тој момент, можеби, играта завршува и симулацијата е исклучена. Можеби е подобро да не дознаеме…

Што ако постоjат и Бог и слободната волја и сѐ си е на место?

Или можеби за проблемот треба да размислуваме како што размислуваме за Бог и слободната волја. Некои луѓе сметаат дека тоа што постои Бог не го нарушува фактот што постои слободна волја, туку напротив, самиот Бог, создавајќи го светот, морал да го направи така за секој човек да има право на избор. Право на колку избори? Па, на бесконечно многу избори. A за секој направен избор, Бог знае однапред како ќе се одиграат картите. Ем волкот сит, ем овците на број.

Оваа идеја и не е така необична, ако видиме дека во физиката, на пример, во Теоријата на паралелните универзуми се предвидува токму тоа – дека со секој наш избор, влегуваме во нов паралален универзум, а во суштина, постојат безброј универзуми во кои нашата судбина се одигрува на безброј различни начини.

Во тој случај, симулацијата и оној кој (ја) симулира се едното исто нешто и парадокс воопшто не постои.

Поврзани содржини