ЗАПАДОТ ПАТИ ОД НЕДОСТИГ НА СПЕРМА Шанса ли е тоа судбината да ја земеме во наши раце?

На Западот цвета илегалната трговија на донирана сперма. Поради пандемијата, побарувачката расте, цените се високи. Неименуван сатиричар за Плусинфо ги анализира шансите на македонската економија на овој план.

725

Пандемијата удри на сите полиња. Покрај многуте очигледни жртви на ковид-19 и на нуспојавите од заразата, на Западот се појавува една тивка група жртви – жени кои не можат да најдат донатори на сперма.

Кризата е во полн ек, банките за сперма се празни, а не станува збор за грабеж. Едноставно – недостиг. Но, човекот е жив ѓавол, нели. На Фејсбук се формираат групи каде што жени бараат потенцијални донори на сперма, кои се водат од девизата – не е срамота да се праша, ако не прашаш нема ни да добиеш.






Па така, Фејсбук групата за донација на сперма Sperm Donation USA има над 20.000 членови. Како што вели основното правило на економијата, таму каде што има побарувачка, ќе се појави и понуда.

А работа ко работа… Прво треба да поднесеш си-ви (сериозно), да наведеш листа на генетски болести, да закачи слика и да те изберат. Нормално, каде што се бараат документи, веднаш никнат и лажни документи. Така се појавуваат и лажни сертификати на донаторите дека немаат сексуално пренесливи болести, па тие кои се фатени во ова злодело се истакнуваат јавно.

Накусо, сѐ е исто како во секоја просечна македонска компанија, само што подобро се плаќа. Колку подобро? Нормално, зависи од производот. Цената варира од 400 до 1.000 долари по донација, што не е малку за нешто што ние овде го земаме здраво за готово и – го фрламе.

Можеби и не сме толку сиромашни, само сме слаби претприемачи?

Според „Њујорк Тајмс“, вредните пролетери кои работат во оваа гранка на економијата на легалниот пазар веќе се исцрпени. А цените на спермата се стандардно високи. Слична е состојбата во Велика Британија. Еве и како оди на берзите. Подобро од копање злато и биткоини. Ова се малку постари податоци од Шведска, но тоа е трендот.

 

 

Како што велат анализите на странските новинари кои сериозно се занимаваат со ова прашање, посебно оние од антиваксерска провиниенција, спермата на невакцинираните на берзите е повредна од спермата на вакцинираните. Тоа благодарејќи на митот дека вакцините влијаат врз плодноста на мажите, но и на жените.

И после, не чинел СДСМ, не ни чинел Филипче… Замислете процентот на вакцинирани да ни беше 80 или 90 отсто! Колку помал потенцијал за оние што навистина сакаат да се фатат за работа! А еве, сега треба да се размислува за новите предизвици на новата криза…

Еден од првите чекори кон еднаква битка на овој пазар на трудот треба да е субвенции за вакцинираните, кои ќе ја изедначат цената на своите донации со онаа на невакцинираните. Ако засегнатите не најават истурање на нивните продукти пред Собранието, што според експертите, нема да има некој посебен ефект, затоа што и во парламентот пратениците со години го работат истото.

Како и да е, тука е нашата шанса да заблескаме како економија, ако веќе за друго и не нѐ бива многу. Државата да организира интервентен извоз на сперма, па по неколку цистерни неделно, да им се помогне на братскиите и на сестринскиите народи на Западот да ја надминат оваа криза. Кога веќе домашното призводство им е во колапс, мора да се потпрат на аутсорсинг. Инвестицијата е мала и брзо се враќаат парите. А ако ја гледаме и поголемата политичка и геостратешка слика, наредните децении би можеле да имаме илјадници Македонци родени на Западот, македонски претседател и претседателка, пола Запад да е со сонценце за квалитет Made in Macedonia.

Работа има, кому му се работи…

Поврзани содржини