📽️ ЗАМИНА ЧОВЕКОТ ШТО ПЕЕШЕ ЗА ДУШАТА НА БАЛКАНОТ Првиот бакнеж и Миљацка од песните на Халид Бешлиќ ќе живеат засекогаш

Неговите песни ќе продолжат да живеат во свадби, во кафеани, на радија и во срцата на милиони луѓе. Тој не беше само музичар, туку пријател на народот, глас на една генерација и симбол на човечност.

946

Легендарниот фолк пејач Халид Бешлиќ почина на 72-годишна возраст по кратка борба со тешка болест. Бешлиќ бил хоспитализиран во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево кон крајот на август.

Халид Бешлиќ е роден на 20 ноември 1953 година во селото Кнежина, покрај Соколац, во тогашна Југославија. Како млад, ги извршуваше обврските кон државата и служеше во Југословенската народна армија. По завршувањето на службата, се пресели во Сараево, каде што почна да настапува во локалните кафулиња и ресторани — скромен почеток што ќе го одведе кон ѕвездената слава.






Во периодот 1979–1982 година, Бешлиќ објави неколку синглови и постепено го гради својот препознатлив стил. Првиот студиски албум „Sijedi starac“ од 1981 година го означи неговото официјално влегување на југословенската музичка сцена. Од тој момент, започна подем што траеше со децении.

Глас што допира душата

Во средината на осумдесеттите, Халид стана еден од најпрепознатливите гласови на Балканот. Песните „Neću, neću dijamante“ и „Budi, budi uvijek srećna“ се пееја на сите страни, а потоа следуваа вечните хитови „Vraćam se majci u Bosnu“, „Sjećam se“, „Hej, zoro, ne svani“ и „Eh, kad bi ti“. Неговите балади беа едноставни, човечки и искрени — токму како и самиот пејач.

Во текот на деведесеттите, додека регионот поминуваше низ тешки премрежија, Бешлиќ не ја изгуби блискоста со својот народ. Организираше стотици хуманитарни концерти низ Европа, помагајќи им на жртвите од војната. Иако многумина замолкнаа во тие години, неговиот глас беше лек и потсетник на домот.

Новиот милениум полна со првиот бакнеж и Миљацка

Во новиот милениум продолжи со работа — албумот „Prvi poljubac“ од 2003 година го донесе истоимениот хит, потоа следуваа „Miljacka“ и „Štiklom o kamen“, песни што повторно го вратија на врвот на топ-листите. Со секој нов албум, тој покажуваше дека љубовта кон музиката не старее.

Последниот албум „Trebević“ од 2020 година е своевидна круна на кариерата — зрел, топол и исполнет со носталгија. Доказ дека големите уметници не престануваат да растат, дури ни кога веќе се легенди.

Секој концерт – незаборавна средба со обичните луѓе

Публиката на Халид Бешлиќ често велеше дека неговите концерти не се само настапи — тие се средби со човек што ги разбира. Иако беше ѕвезда, остана едноставен и секогаш достапен. Познат е по тоа што по интервјуа или снимања знаел да се врати до фановите само за да се поздрави и да поразговара со нив.

Во бројни изјави нагласуваше дека славата никогаш не смее да го промени човекот.

„Угледот и чесноста се најважни“, велеше тој. Секогаш остануваше приврзан кон обичните луѓе, кон домот, семејството и традицијата.

Кобната сообраќајка во 2009 година

Еден од најтешките моменти во неговиот живот беше сообраќајната несреќа во 2009 година. По лизгав пат, изгуби контрола над автомобилот и излета од патот. Задоби тешки повреди и падна во кома, а целата Босна се молеше за негово закрепнување. По неколку месеци рехабилитација, Халид се врати на сцената — посилен, но и поблагодарен на животот.

Во следните години имаше здравствени проблеми и срцева операција, по што го промени начинот на живот. Избегнуваше големи јавни настани и почесто се повлекуваше во својот дом и природа, но музиката никогаш не ја напушти.

Семејството — центар на неговиот свет

Со сопругата Сејда беше во брак од 1977 година. Има син, Дино, и неколку внуци за кои зборуваше со топлина и гордост. Секогаш велеше дека најголемата среќа е кога ќе го види семејството насмеано и здраво.

Кога ќе замине човек како Халид Бешлиќ, не заминува само пејач — заминува глас што нè спојуваше. Неговите песни ќе продолжат да живеат во свадби, во кафеани, на радија и во срцата на милиони луѓе. Тој не беше само музичар, туку пријател на народот, глас на една генерација и симбол на човечност.

Без разлика на нашиот однос кон фолк музиката, неговата Миљацка засекогаш тече низ нашите сеќавања, како песна што не старее — како спомен на човек што пееше за душата на Балканот.

Поврзани содржини