ЗАД ХАМАС СТОИ ИРАН, А ИЗРАЕЛ ПЛАНИРА КОПНЕНА ИНВАЗИЈА? Еве зошто израелскиот „9/11“ може да се претвори во Пирова победа за Палестинците
Ќе успее ли копнената одмазда и „пустошот“ кој го најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху? Томас Л. Фридман за Њујорк Тајмс викендов напиша дека Израел не би си дозволил таква голема акција и не би ни можел поради тоа што Хамас ќе држи стотици заробеници како жив штит.
Зад нападот на најдесничарската влада во Израел, кој „Гардијан“ го нарече „крах на израелското разузнавање“ можеби стои Иран. Додека светот е во исчекување на евентуален копнен напад во Газа како одмазда во следните 48 часа, напад за кој предупреди Ал Џезира, „Волстрит Џорнал“ анализира дека Иран преку својата Револуционерна гарда дал зелено светло за овој израелски „9/11“.
„Хамас јавно призна дека поддршката што ја имале од Техеран била клучна во извршувањето на самиот план за напад, а оваа недела иранскиот претседател Ебрахим Раиси разговараше со палестинските лидери Зијад ал-Нахалах и Исмаил Ханије“, се вели во анализата. За овие средби бил известен и амбасадорот на Израел во ООН.
Нападот во саботата – кој го изненади Тел Авив, кога милитантите на Хамас едноставно го пробиваа патот низ оградата на граничната линија во јужен Израел со булдожер, сечеа дупки на жицата или влегуваа во Израел од морето со параглајдери – може да бил поттикнат од фактот што изминатите години повеќе арапски земји го признаа Израел, пишува Си-Ен-Ен во своја анализа.
Сепак, децениската нетрпеливост меѓу Иран и Израел за „Волстрит Џорнал“ е клучната каписла.
– Напад од ваков размер можеше да се случи само по неколкумесечна логистичка подготовка, а тоа сигурно немаше да се случи доколку Хамас ја немаше поддршката од нуклеарна сила како Иран – објаснува за „Волстрит Џорнал“, Лина Хатиб, директорка на Институтот за блискоисточни студии на Универзитетот во Лондон.
Инвазијата нема да успее, пирова победа за Хамас?!
Ќе успее ли копнената одмазда и „пустошот“ кој го најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху?
Томас Л. Фридман за „Њујорк Тајмс“ викендов напиша дека Израел не би си дозволил таква голема акција и не би ни можел поради тоа што Хамас ќе држи стотици заробеници како жив штит. Весникот го цитира Наум Барнеа, ветеран колумнист за весникот „Једиот“, кој вели дека „„сè што ќе направи армијата во Газа понатаму ќе бара од нив да го земат предвид влијанието што може да го има врз животите на цивилните заложници“.
„Така, тие сега мора да ја водат оваа војна, да донесат измачувачки одлуки за размени меѓу одвраќање, одмазда, враќање на заложниците од Хамас и можеби дури и инвазија на Газа, знаејќи цело време дека дури и ако се справат со сето ова совршено, ги чека некаква истрага. Не е лесно да се размислува директно под тие услови“, се вели во написот на колумнистот.
Аврамските договори се вистинската причина за нападот?
Вистинската причина за нападот на Хамас може да бидат Аврамските договори, со кои Обединетите Арапски Емирати и Бахреин го признаа Израел во времето на Доналд Трамп. Беше преместена и американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а Ерусалим беше прогласен за главен град.
Овие потези владата на Џо Бајден не ги оспори, туку ја продолжи политиката на создавање нова архитектура – нови партнерства меѓу земјите на Блискиот Исток, особено со новите напори за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел.
Палестинците се исплашија дека нивната кауза веќе нема да биде слушната. Тие во 2019 година ја блокираа конференцијата на Џеред Кушнер, зетот на Трамп, кој требаше да обзнани 50 милијарди поддршка во проекти за Палестинците.
„Њујорк Тајмс“, пак, пишува за евентуалниот договор меѓу САД, Саудиска Арабија и Израел, со кој Палестинците би имале голема „инфузија на готовина од Саудиска Арабија“. Сега договорот е замрзнат, а Саудиска Арабија, наместо да го признае Израел, се труди да му излезе во пресрет на Хамас, кој, пак, почна да го губи легитимитетот со нападот, се вели во анализата.
Нетанјаху го подели израелскиот народ, ова е „гафот на Јом Кипур“
„Како смееше ова да се случи токму на 50-годишнината од војната за Јом Кипур?“, прашуваа во текот на целиот викенд израелските медиуми. Како потфрли изразелското разузнавање и зошто потфрли нашироко фалениот шпионски софтвер „Пегаз“, за неколку десетици милитанти од Газа да ја пробијат граничната ограда во јужен Израел?
– Тоа е колосален неуспех, хиерархиите едноставно пропаднаа, со огромни последици – изјави на телевизија поранешниот шеф на израелската морнарица, Ели Маром.
Поранешниот шеф на израелската служба Мосад Дени Јатом изјави дека израелската безбедносна тактика во саботата „доживеа целосен крах“, дека „сѐ тргна по лошо“ и „никој немаше поим што се случува“ кога Хамас во саботата рано утрината го нападна Израел од територијата на Појасот Газа.
Спротивно на ова, во 1973 година, во војната во Јом Кипур, на истоимениот празник, Израел не само што се справи со изненадниот напад на неколку земји од тогашната Арапска лига туку и победи во војната. Сега, пак, според Наум Барнеа, се случува „гаф на Јом Кипур“ под раководството на Нетанјаху.
Колку што е Нетанјаху лош за Израел, толку беше Хамас погубен за Палестинците
Питер Бомонт за „Гардијан“ објаснува како владата на Нетанјаху, освен што е најдесничарска во историјата, доведе до голем немир и раздор во општеството. Дека Нетанјаху проба да го поткопа Врховниот суд, поддржувајќи го судскиот пуч во Израел, го направи дијалогот невозможен, а и самиот е обвинет за корупција. Затоа голем број од резервистите се заканија дека нема да му служат.
„Но, колку што беше лош Нетанјаху за Израел, Хамас беше смртоносно проклетство за палестинскиот народ, откако ја презеде Газа во 2007 година. Помошта од повеќе милијарди долари што ја добиваше, Хамас ја даде во копање тунели во Израел и изградба на ракети, за да се обиде да уништи многу помоќен непријател – со што луѓето во Газа ги лиши од секоја шанса да го реализираат својот целосен потенцијал, преку влада која е пристојна, демократска и продуктивна“, оценува Фридман во својата анализа за „Њујорк Тајмс“.
Хамас никогаш нема да стане партнер на Израел?
Решението за оваа војна, во светло на крвавите настани, изгледа комплицирано. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ неодамна изјави дека „би било добро Иран да го признае Израел, а Израел да ја признае Палестина“, но дека тоа нема никогаш да се случи, „без разлика каква поддршка ќе им понудиме“.
Според колумнистот Томас Л. Фридман, се додека Хамас е „исламистичка мафија“ и „мачкина шепа за Иран“, нема да има партнерство.
„Лично, не верувам дека Хамас некогаш може да биде партнер за сигурен мир со Израел. Хамас имаше премногу шанси пред многу години да докаже дека одговорностите на владеењето во Газа ќе ја ублажат неговата цел за уништување на еврејската држава“, анализира тој.
Замислете ги Украинците без западно оружје, ќе траат само една недела
А војната во Израел може да направи потрес и во Украина. Пренасочувањето на американското оружје на Блискиот Исток ќе му одговара на рускиот претседател Владимир Путин. Минатиот четврток во црноморското одморалиште Сочи, тој рече дека Украина се поткрепува „благодарение на мултимилионските донации што доаѓаат секој месец“.
А потоа рече: „Замислете помошта да престане утре. Украина ќе живее само една недела кога ќе снема муниција“.
ШТО Е ПОЈАСОТ ГАЗА И ЗОШТО Е ТОЛКУ ВАЖЕН?
Појасот Газа, епицентарот на војната со Израел, е палестинска енклава во рацете на исламистичкото движење Хамас, кое со децении се бори со насилство и сиромаштија. Се граничи со Израел на север и на исток, со Средоземното Море на запад и со Египет на југ. Тоа е територија од 360 квадратни километри, долга 41 километар и широка 6 до 12 километри.
Таму живеат 2 милиони Палестинци, или речиси 6.000 жители на метар квадратен, што е една од најголемите густини на население во светот.
Благодарение на археолошкото наоѓалиште Тел ес-Сакан, откриено во 1998 година, археолозите можат да потврдат дека утврдениот град бил континуирано населен од 3200 до 2000 година п.н.е. во сегашниот Појас Газа.
После тоа, Газа била под асирска, вавилонска, римска, арапска и христијанска доминација. Во 20. век, Газа потпаѓа под египетска власт во 1948 година, набргу по прогласувањето на Државата Израел. Територијата потоа е окупирана од Израел по арапско-израелската војна во 1967 година.
На 12 септември 2005 година, Израел еднострано се повлече од Појасот Газа, а две години подоцна на власт дојде Хамас, исламистичко движење кое Израел и многу западни земји го сметаат за терористичка организација.
Во јуни 2006 година, Израел воведе копнена, воздушна и морска блокада на енклавата, по киднапирањето на израелски војник кој беше ослободен во 2011 година. Еврејската држава ја засили својата блокада во јуни 2007 година кога Хамас од Газа ја протера палестинската управа на Махмуд Абас.
Единствениот излез од Газа кој не е под израелска контрола е граничниот премин Рафах на границата со Египет.
Лишен од природни ресурси, Појасот Газа страда од хроничен недостиг на вода и гориво. Невработеноста погодува повеќе од половина од населението, вклучувајќи три четвртини од младите луѓе. Повеќе од две третини од населението зависи од хуманитарна помош и живее под прагот на сиромаштија.
Од 2008 до 2021 година, израелската војска ја нападна Газа четири пати за да ги спречи нападите на Хамас врз Израел, да ја уништи неговата инфраструктура што се користи за тие напади и да ги убие неговите водачи.
Нова војна избувна во саботата по изненадниот масовен напад на Хамас врз Израел.