ЗАБРАНЕТАТА КНИГА ПОРАДИ КОЈА МИСИРКОВ БИЛ ПРОГОНУВАН На денешен ден била отпечатена „За македонцките работи“

На враќање во Софија Мисирков се надева да ја подигне отпечатената книга за да пронајде дека била изгорена, а против него почнал организиран прогон од бугарските власти.

669

Можеби најважната книга која ја опишува идејата за посебен македонски стандарден литературен јазик е објавена на денешен во 1903 година во Софија, само месеци по избувнувањето на Илинденското востание. „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков е тестамент од 120 страници и пет поглавја за она што понатаму ќе биде прифатено како формулација во кодификацијата на јазикот по 1945 година од страна на Блаже Конески.

Се смета дека поголемиот дел од книгата Мисирков ја пишува во Русија иако постојано патува гонет од домашните власти, турски, бугарски и српски. Во еден таков напад врз него и рускиот конзул, кој имал симпатии кон македонското прашање Мисирков се враќа во Русија, но по извесно време доаѓа на Балканот за да ја отпечати книгата. Ја оставил книгата на печатење во Софија и отишол во Белград за да ја гледа премиерата на „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински. Таму одржува говор за македонското прашање и бидува избркан од српските власти.






На враќање во Софија Мисирков се надева да ја подигне отпечатената книга за да пронајде дека била изгорена, а против него почнал организиран прогон. Мисирков се враќа во Русија каде си обезбедува место за работа во Берѓанск, а потоа во Одеса, приморски град во денешна Украина. Таму ќе работи на публикувње на списанието „Вардар“ на чија насловна страна ќе биде прикажана етничката територија на Македонија.

Мисирков се определува за брзо решавање на македонското јазично прашање и ги оформува своите ставови за македонскиот литературен јазик, главно, во три точки:

– за основа на литературниот јазик ги зема централните говори (на линијата Велес – Прилеп – Битола – Охрид), бидејќи тие се еднакво оддалечени од соседните литературни словенски јазици (бугарски и српски)

– го поставува правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата

– во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори

Во својот текст тој ги користи буквите ќ и ѓ, со знак со апостроф, како к’ и г’, што е исто така модерен пристап кој ќе биде прифатен во азбуката.

„…А до кога, iедни македонци се кажуаат патриархисти, друзи екзархисти; едни бугари, друзи срби, треки грци и бараат покроителство у различни балканцки држаи, даваiк’и им со тоа прао да се бркаат во македонцките работи, до тогаi не можит да се мислит за обшчо востааiн’е; до тогаi ке бидит само частично: со бугарцки, србцки, или грцки, но никако не, со чисто македонцки характер…”, пишува тој во книгата.

Малку е познато дека уште во 1902 година Димитрија Чуповски и 19 македонски дејци, меѓу кои е Крсте Петков Мисирков,  во Санкт Петербург го формираат Македонското научно-литературно другарство. Тоа писмено побарало од руските слависти во многу наврати писмено барало да биде признаен како посебен македонскиот јазик, а Мисирков одржал три говори за новиот јазик, кои потоа ќе станат поглавја во забранетата книга „За македонцките работи“.

 

 

Поврзани содржини