ЗА НЕМАЊЕТО ЛЕТНА СЦЕНА, МЕДИУМСКА ПОДДРШКА, ФИНАНСИИ И ЗА НАШИОТ МЕНТАЛИТЕТ Белопета ги најави ѕвездите на ОФФест и неизвесната иднина на овој и на Џез-фестивалот
„Веруваме дека фестивалот ќе биде успешен затоа што знаеме што носиме, но со оглед на финансиите, инфраструктурата, немањето поддршка од медиумите, особено од телевизиите и радијата, тешко е да се гарантира некоја сигурност за натамошниот живот, не само на овој, туку и на скопскиот џез-фестивал“, рече Оливер Белопета најавувајќи го 23-тото издание на ОФФест.
Од 6 до 9 јуни 2024. ќе се одржи 23-тото издание на ОФФест, нашиот најголем и најзначаен
фестивал на музиката на светот.
За жал, како и во изминатите години, така и оваа, нема да имаше можност да танцуваме со
пиво во рака од едноставна причина што, како што рече и Оливер Белопета на денешната
прес-конференција, Скопје е веројатно единствената метропола во некоја европска земја која
нема летна сцена.
„Периодот на одржување на ОФФест не е баш идеален со оглед на тоа што во тој период
имаме веќе летни температури, а фестивалот се одржува во Националната опера и балет и во
Младинскиот културен центар без можност за концерти на отворена летна сцена која Скопје
ја нема и без можност во концертите да уживаме танцувајќи со пиво во рака“, рече Белопета.
Освен на хендикепите на нашата инфраструктура, тој се пожали и на немањето комплетна
поддршка од македонските медиуми, од што ги исклучи порталите, како и на недоволните
финансии, а се осврна и на македонскиот менталитет одговарајќи на новинарско прашање за
тоа дали барем еднаш некој од концертите ќе почне на време.
Најавувајќи ги ѕвездите на ова 23-то издание на фестивалот, Белопета проговори и за
неизвесната иднина на овој, како и на скопскиот Џез-фестивал на есен.
Сепак, она од што тие како организатори и на двата фестивали не отстапуваат е нивниот
базичен концепт – изборот на големи и актуелни ѕвезди на светската музичка сцена.
Така, ОФФ-Фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: БОМБИНО,
еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“ и
јужноафриканските ѕвезди БИ-СИ-ЈУ-СИ, познати по својот афро-психоделичен транс и
импресивните настапи во живо.
Миксот од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на
импровизирана музика на холандскиот секстет БОИ АКИ, во комбинација со оригиналниот
и моќен звук на француско-етиописката супер-група КУТУ, ветува беспрекорно фестивалско
доживување.
Најголема ѕвезда на фестивалот е ВИСЕНТЕ АМИГО, кој се смета за наследник на
легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад
себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно
творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да стане референца за
фламенко гитарата денес.
Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави:
фуриозниот полски гудачки квинтет ВОЛОСИ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат
влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк
миленици во подем КАЛАТА, како и познатиот српски модерен етно колектив НЕЈКИД.
Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и
документарните филмови „Сезарија Евора” и „Агадез, музиката и отпорот“.
Останува и нашата традиција секоја година да претставуваме и една македонска група која
грижливо ја избираме да биде нешто што сметаме дека во иднина ќе може да си го најде
патот за Европа и годинава тоа е бендот Калата“, најави Белопета.
Во рамки на прес-конферецијата, Костадин Шурбановски-Шурбе ја најави и промоцијата на
најновото издание на „Пијан славеј“, на 1.јуни (сабота) во „Буква“, како дел од придружната
програма на ОФФест, кое е нивно второ издание, но воедно и второ за СЏФ рекордс.