ЗА НЕКОИ БИТКА, ЗА ДРУГИ МАСАКР Пред 1.008 години се одиграла Битката на Беласица

Битката завршила со катастрофален пораз на самоиловата војска и со заробување на 14.000 до 15.000 негови војници кои биле ослепени по наредба на византискиот цар.

1,167

На 29 јули во 1014 година се одиграла славната Битка на Беласица, во која византиската војска ја извојувала решавачката победа во долгата и исцрпувачка војна со цар Самоил.

Исходот на битката бил погубен за македонската војска, како и за Самоиловото Царство, кое само четири години подоцна во целост потпаднало под доминација на Источното Римско Царство. На Беласица, голем број војници биле убиени, а останатите ослепени, со што била целосно уништена воената моќ на царството. По овој пораз, Самоил наводно не можел да се опорави и имал срцев удар од кој починал истата година.






Историските факти говорат дека Самоиловото Царство и пред решавачката битка во 1014 година, било под постојани напади на заколнатиот непријател. Војските на византискиот цар Василиј Втори секоја година навлегувале во териториите на Самоиловото Царство и ги напаѓале утврдувањата и трговските рути. Самоил бил свесен дека не може со Василиј да влезе во директен и отворен судир, посебно што веќе бил притиснат од сите страни, па решил да му го спречи влегувањето со прецизно изградени ровови. Знаејќи дека византискиот владетел влегува низ клисурите Кимба Лонга и Клидион, тој издал наредба на тие локации да се изградат одбранбени кули и бедеми.

Кога царот Василиј стигнал до тие клисури, војниците на Самоил храбро нападнале. При тоа Самоил решил да стави сè на коцка и го испратил својот проверен командант Несторица, еден од највлијателните големци од тоа време, кој добил задача да го нападне Солун со цел да се отворат два фронта и на тој начин да се подели моќната византиска војска. Но, тука веќе подготвен чекал војсководецот на Василиј, Теофилакт Вотанијат, кој ја разбил војската на Несторица. Вотанијат, всушност, гонејќи ги самоиловите војници, стигнал до клисурата Клидион, ја преминал планината Беласица и ги изненадил утврдените војници на Самоил од зад грб.

Војниците на Самоил не очекувајќи напад, се исплашиле и почнале да бегаат. Притоа многу војници загинале, а уште повеќе биле заробени. Самиот Самоил одвај ја избегнал опасноста да биде заробен, благодарение на синот Гавраил Радомир, кој храбро ги одбивал нападите, го качил татка си на коњ и го одвел во тврдината крај Прилеп.

Битката завршила со катастрофален пораз на самоиловата војска и со заробување на 14.000 до 15.000 војници кои биле ослепени по наредба на византискиот цар. Тоа претставувало почеток на крајот на Самоиловата држава која постоела од 969 до 1018 година и е позната како Самоилово царство бидејќи Самоил останал единствен владетел по смртта на неговите браќа Давид, Мојсеј и Арон.

Центарот на самоиловата држава бил Охрид. Подоцна државата ги проширила своите граници и во нејзиниот состав влегле Бугарија, делови од Грција односно Тесалија и Епир, потоа Албанија, Рашка, Дукља и Босна. Самоил бил прогласен за цар во периодот помеѓу 996 и 1000 година од страна на папата Григориј Петти.

По смртта на Самоил, неговиот син Гаврило Радомир се обидел да го сопре продирањето на византиските сили, но четири години подоцна тој загинал.

Поврзани содржини