ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА ЛЕО СЕ ПОТРЕБНИ 200.000 ЕВРА Апел за помош на 18-годишното момче повредено во Калитеа

Лео има повреда на третиот, четвртиот и петтиот пршлен, поради што дише на апарати и не може да ги движи своите екстремитети. Храбро помина неколку хируршки зафати, но неопходни се понатамошни скапи медицински третмани – велат од хуманитарната организација.

397

Хуманитарната организација „Свети Спас“ упати апел за собирање финансиска помош за 18-годишниот Леонид, кој по несреќата во Грција сè уште е на интензивно лекување во болницата во Солун.

Лео има повреда на третиот, четвртиот и петтиот пршлен, поради што дише на апарати и не може да ги движи своите екстремитети. Храбро помина неколку хируршки зафати, но понатамошните медицински третмани и рехабилитација освен што од него ќе бараат многу сила, чинат и голема сума на финасиски средства. Драги добри луѓе, за оваа борба за животот на Леонид, потребни се 200.000 евра.






Се наоѓаме во посебно чувствителен момент. Миг во кој нашето обединување, нашата молитва и поддршка е потребна повеќе од било кога досега. Со срце исполнето со надеж и верба, го пренесуваме до вас овој апел за донирање, кој за младиот Леонид може да значи шанса за живот.

Лео е талентиран млад човек, со неверојатни спортски и интелектуални способности. Со својот тим тој го освои првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge. Тој е момче со само 18 години и срце полно со ентузијазам и желба за знаење. Неговите компјутерски вештини и научни истражувања се вистинска инспирација за сите негови врсници.

За жал, во моментот тој е соочен со најголемата животна битка. Ова е борба за неговото оздравување, како и за враќање на можноста да го следи својот пат, своите мечти и амбиции. Лео секогаш со гордост кажуваше дека е од неговата Македонија. Време е сите ние да ја оправдаме онаа големина која тој знаеше дека ја носиме во себе. Апелираме и до вас, до сите кои можете и сакате да бидете дел од битката на Лео. Отворете ги срцата и и придружете се на оваа хуманитарна акција“ – се вели во апелот на хуманитарната организација „Свети Спас“.

Донациите од 100 денари може да се направат со повик на телефонските броеви 143 500 (А1) и 143 118 (Телеком) или преку жиро сметка:

210-7000006805-91 НЛБ БАНКА (од Македонија)

IBAN: MK07210501567799991 (од странство)

SWIFT: TUTNMK22

NLB BANKA AD SKOPJE

Поврзани содржини