КОГА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ЗАИНТЕРЕСИРА ЗА ВСЕЛЕНАТА? Западен Балкан се загрева побрзо од кој било дел на Европа

Земјите во регионот, вклучително и Македонија, сè уште не се ни блиску до креирање национални вселенски стратегии, ниту пак постои сериозна намера кај носителите на одлуки да се приклучат на меѓународните организации како што се ЕСА или Комитетот на ОН за мирно користење на вселената – чие значење е огромно и во финансиска и во дипломатска смисла.

1,201

После 30 години изработка и тестирање, една недела пред почетокот на 2022 година, лансиран е телескопот Џејмс Веб, тежок 6,5 тони и вреден 10 милијарди долари. Оваа спектакуларна направа ќе ни ги открие првите ѕвезди и галаксии кои засјаиле во мрачниот универзум. Поради овој исклучителен подвиг на инженерството и човековата мисла во областа на вселенската наука и технологија, добро е да се потсетиме како софистицираните инструменти кои ги лансираме во орбитата ни помагаат да го унапредиме животот на нашата планета.

Набљудувањата во вселената значително го подобрија нашето разбирање за климатските промени, а новите достигнувања во вселенската технологија во последниве години се вредна алатка во борбата против уништувањето на шумите и откривањето на до неодамна „недостижното“ истекување на метан што се заканува да ги спречи напорите на Парискиот договор.






Лансирањето на првиот вештачки сателит, Спутник 1, од страна на поранешниот Советски Сојуз, ја најави ерата на сателитски далечински сензори. На нивниот почеток, вселенските мисии беа финансирани исклучиво од владини актери. Имаше добра причина: одењето во вселената беше енормно скап потфат. Воспоставувањето успешна вселенска програма значеше големи инвестиции во експертизата и инфраструктурата, притоа носејќи голем економски и политички ризик во случај на неуспех, што значеше дека оваа „игра“ беше резервирана само за големите сили. Половина век подоцна, ефикасните процесори, како и иновативните производствени техники, значително ги намалија скалите на вселенската индустрија – мисиите за лансирање во вселената станаа значително поевтини.

Процесорите со низок волумен и голема моќ се идеални за сателити кои се напојуваат со ограничена количина на енергија од соларни панели, додека современите техники за 3D печатење, ласерско синтерување и можеби најважното, промените во деловните модели, како што се вертикалната интеграција и агилниот бизнис драматично ги намалуваат трошоците за производство и овозможуваат малите компании или тимови да бидат конкурентни на пазарот.

Неизбежно е прашањето: како експоненцијалниот раст на вселенската индустрија влијае врз климата и врз животната средина? Во моментов, околу илјада сателити кои припаѓаат на секторот за набљудување на Земјата орбитираат околу Земјата и обезбедуваат важни податоци за океаните, копното и за атмосферата. Сателитските набљудувања се клучен елемент за следење и истражување на климата. Континуираните систематски и глобални мерења на климатскиот систем на Земјата, особено во оддалечените региони на планетата, се од суштинско значење за нашето разбирање на актуелната климатска криза. Тие ни помагаат да го следиме и разбереме топењето на поларните региони и глечерите, брзиот пораст на нивото на морето, појавата на интензивни топлотни бранови и други последици од глобалното затоплување.

Меѓународна група климатолози, метеоролози и други научници од Глобалниот систем за набљудување на климата (GCOS) идентификуваше 54 главни климатски варијабли што треба да се измерат. Тие претставуваат физички, хемиски или биолошки својства кои клучно придонесуваат за описот на климата на нашата планета, а сателитите обезбедуваат мерења на повеќе од половината. Набљудувањето на овие варијабли од вселената има повеќекратни предности.

Сателитите обезбедуваат постојано набљудување, така што еден инструмент на сателит во хелиосинхрона орбита може да ја слика Земјата на дневна основа. Потоа, сателитските набљудувања овозможуваат собирање податоци без да се загрози националниот суверенитет. Конечно, широкото делување, т.е. таргетирање на оддалечените и негостопримливи области, овозможува да се следи уништувањето на шумите, топењето на мразот или други катастрофи кои го загрозуваат екосистемот на земјата. Во 2021 година, Европската вселенска агенција (ESA) објави дека констелацијата на сателитот Коперник Сентинел-1 го снимила моментот кога огромна санта мраз (со димензии 170x25km) се одвоила од копното на Антарктикот.

„Фаќањето“ на природните појави и оптичката моќ на машините во вселената беше демонстрирано и на 15 јануари годинава, кога преку сателитот GOES West беше снимена неверојатната ерупција на подводен вулкан во Тонга. Сеопфатното набљудување на климата на Земјата е основата врз која е усвоен Парискиот договор. Заштитата на тропските шуми беше камен-темелник на политиката за климатски промени и составен дел од договорот од 2016 година.

Уништувањето на шумите е еден од најголемите извори на емисии на гасови и главно е предизвикан од економскиот развој. Најчесто, земјите во развој ги чистат шумите и го претвораат земјиштето за палмино масло, соја или за одгледување добиток. Претходниот договор за заштита на шумите – Њујоршката декларација од 2014 година не ги донесе посакуваните промени, поради што мораше да се бараат нови решенија за да се почитуваат меѓународните договори. Најдени се решенија, меѓу другото, благодарение на напредокот во вселенската технологија. Пред сè, камерите инсталирани на современите сателити обезбедуваат висока резолуција врз основа на која е можно детално набљудување на објекти на земјата, на пример големина на куќа или дури и големина на автомобил. Исто така, поевтиното производство доведе до лансирање на мноштво микросателити во ниската земјина орбита кои овозможуваат снимање на истата точка на земјата во кратки временски интервали, со што се подобрува квалитетот на податоците. Анализата на добиените податоци ни дава увид во промените што се случуваат во инаку тешко пристапните прашуми.

Една од најзначајните иницијативи доаѓа од Владата на Норвешка, која потпиша договор вреден 43 милиони долари со партнери од приватната вселенска индустрија со цел да обезбеди глобален мониторинг на тропските шуми преку својата програма NICFI. Од друга страна, практичен пример наоѓаме во Бразил, земја каде што во текот на 1990-тите амазонските прашуми губеа повеќе од 20.000 квадратни километри годишно. Во раните 2000-ти, бразилската влада воспостави два система за собирање податоци наречени PRODES и DETER, врз основа на набљудувања од сателитите на НАСА Ландсат 5 и 7 години во Амазон. Научниците од Бразилската вселенска агенција (INPE) ги користат тие потадоци за да пресметаат и следат колку шума се сече секоја година во Амазон. Вселенската технологија и меѓународните договори, исто така, се преклопуваат во Залогот за метан, договор на 109 земји за намалување на емисиите на овој гас за 30% до 2030 година. Овој невидлив гас на стаклена бавча истекува од првите нафтени извори стари повеќе од 150 години. Неговото мерење, сепак, било многу тешко, а прописите за дозволените нивоа на метан биле нејасни. Сепак, зголемениот аларм за улогата на метанот во глобалното затоплување е во чекор со напредокот во технологијата што обезбедува попрецизно мерење.

Имено, до пред само неколку години, за мерење на метанот на помали површини беа потребни сензори на земјата, а подигањето на авионите за прецизно лоцирање на истекување на гас е прилично скапо. Пробивот е направен од канадската компанија GHGSat, која користи метод на два сателити. Еден сателит идентификува област каде што се чини дека концентрациите на метан се зголемуваат. Потоа се управува со еден од двата понови сателити, Клер и Ирис, за да се открие точната количина со своите чувствителни инструменти. Ирис може да измери истекување од 260 килограми CH4 на час, што е 100 пати помала емисија на метан што можело да се забележи пред овие сателити да бидат ставени во употреба. Подлите емисии на метан би можеле да го саботираат преминот од јаглен на гас за производство на електрична енергија. Одредени модели ни кажуваат дека употребата на гас е подобра од јаглен во однос на еквивалентот на јаглероден отпечаток само ако истекувањето не е повеќе од 4%. Треба да се забележи дека напредокот во технологијата во оваа област потенцијално би можел да обезбеди разлика помеѓу поединечните антропогени извори на јаглерод диоксид од вселената, што навистина би ја променило играта.

Познато е дека Западен Балкан се соочува со повисок пораст на температурата од европскиот просек и со страшните последици што следуваат. Сателитската технологија брзо напредува, а нејзината употреба е клучна доколку сакаме воопшто да се обидеме да ги намалиме споменатите последици.

Земјите во регионот, вклучително и Македонија, сè уште не се ни блиску до креирање национални вселенски стратегии, ниту пак постои сериозна намера кај носителите на одлуки да се приклучат на меѓународните организации како што се ЕСА или Комитетот на ОН за мирно користење на вселената – чие значење е огромно и во финансиска и во дипломатска смисла. Со самото тоа, научниот и економскиот потенцијал во борбата против климатските промени е намален, а време немаме уште многу.

Поврзани содржини