ВОЗБУДЛИВ ПРЕДИЗВИК ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ТРИЛЕРИ Совршена игра на дво-личноста во романот „W“ на Игор Штикс
Романот на Штикс „W“ (Антолог, 2022) умешно го влече вниманието на љубопитниот читател кон секое наредно поглавје и го наградува со неочекувани, а сепак возможни, пресврти. Накусо, одличен роман за љубителите на трилер содржини.
„W“ – дупло ве или симбол за двојноста, за дво-личноста на главниот лик во истоимениот роман на хрватскиот писател Игор Штикс, е возбудлив, интригантен трилер роман со бројни пресврти кои го окупираат целото внимание на читателот.
Целиот заплет е смислен во умот на Валтер (Walter), кој како свое алтер его, како свој двојник, зборува за постоењето на Владимир (Wladimir) – учениот, убав, паметен, лидер, Дон Жуан – сѐ што некој би посакал да биде, кога би имал можност да се создаде себеси, да се роди сам, како што вели Штикс.
Сирочето Валтер, кое преживеало благодарение на австрискиот капетан Валтер Штиклер по кого било именувано, било дадено на чување во сиропиталиштето во Сараево. Владимир се појавува во животот на Валтер на една младинска акција на Островот. Таму тие се збратимуваат со мешање на крвта и се заколнуваат на вечна лојалност особено откако ќе направат неколку лудории и ќе избегаат од младинскиот камп.
Бегаат во Париз, каде го осмислуваат својот нов живот, прво преку ограбување на банки, а потоа и преку учество и организирање на протести во име на левичарското движење и во име на младешките идеали за подобро општество. Потоа продолжуваат со терористички акции и поставуваат бомби низ Европа во градови кои ја обликуваат буквата W.
Но, заплетот почнува со читањето на тестаментот на Валтер на што се повикани двајца – Игор, раскажувачот на романот, и извесна девојка Теса Сајмон. Како што објавувале медиумите, Валтер, кој бил познат како остар критичар на комунистичката идеологија, бил киднапиран, па потоа мистериозно убиен и пронајден со изрешетано тело. А сега двајца сведоци се повикани од неговиот адвокат за да им биде прочитана неговата последна желба – тој им ја остава на користење неговата куќа на Островот на три години а потоа бара од нив да ја продадат и да ги уплатат парите во Центарот за незгрижени деца во Сараево.
Зошто токму овие двајца се повикани во тестаментот на Валтер? Тоа е прашање на кое Штикс одговара во следните страници на романот кога ги води главните јунаци низ разни перипетии, напнати случки, необични средби со сомнителни лица и преправени шпиони, чија цел е иста – да откријат кој всушност бил Валтер, а кој Владимир. Но тие – дали разочарувачки, дали одушевувачки, ќе откријат дека Владимир воопшто не постоел, дека бил плод на имагинацијата на Валтер и дека Теса, всушност, е негова ќерка.
„Што е, никогаш не си видел мртовец?!“, ќе му рече еден ден во куќата на Островот Валтер на својот „биограф“. Тука настанува нов пресврт на нештата кога ќе му открие како ја лажирал својата смрт, но и својот живот и својата дво-личност.
„Некои луѓе својата судбина ја одигруваат под едно име, под една биографија, со повеќе или помалку криење. Мојата мораше да биде двојна. Или воопшто немаше да постои. Владимир беше мојот одговор на смртта. Тој го сакаше животот. Можеше сѐ. Бевме совршен пар“, ќе му одгатне Валтер на раскажувачот Игор.
Романот на Штикс „W“ (Антолог, 2022) умешно го влече вниманието на љубопитниот читател кон секое наредно поглавје и го наградува со неочекувани, а сепак возможни, пресврти. Накусо, одличен роман за љубителите на трилер содржини.