ВОЛШЕБНО ИСКУСТВО, САМО ЌЕ ПОМИСЛАМ И РАКАТА РЕАГИРА! Парализиран човек презадоволен од вградениот чип на Маск

Водечкиот неврохирург во испитувањето рече дека нивото на контрола што го нуди чипот е „зачудувачки“ и дека претставува „пресвртница“ во медицината, пишува Скај њуз.

2

Еден од првите луѓе во Велика Британија кому му е вграде чип во мозокот од компанијата на Елон Маск, Неуралинк, го опиша искуството како „волшебно“ и верува дека технологијата би можела да ги трансформира животите на луѓето со тешка парализа.

Себастијан Гомез-Пена, волонтер во првото британско испитување на уредот на Неуралинк, по несреќа остана парализиран од вратот надолу. Водечкиот неврохирург во испитувањето рече дека нивото на контрола што го нуди чипот е „зачудувачки“ и дека претставува „пресвртница“ во медицината, пишува Скај њуз.






– Вашиот живот целосно се менува кога одеднаш не можете да помрднете екстремитет, рече Гомез-Пена, кој доживеал несреќа по завршувањето на првиот семестар на медицинскиот факултет. „Овој вид технологија ви дава надеж на некој начин“, додаде тој.

Тој е еден од седумте учесници во британско испитување насочено кон проценка на безбедноста и сигурноста на уредот.

За време на петчасовна операција во болницата на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCLH), на Себ му бил имплантиран чип во черепот кој се поврзува со 1.024 електроди имплантирани во неговиот мозок. Иако во постапката учествувале британски хирурзи и инженери на „Неуралинк“, самиот уред бил имплантиран од роботот R1 на „Неуралинк“, кој бил развиен за поставување микроскопски електроди во чувствително мозочно ткиво.

Електродите, чии нишки се околу 10 пати потенки од човечка коса, се вметнати околу 4 милиметри во површината на мозокот на Себ, во областа што ги контролира движењата на рацете. Нервните сигнали се пренесуваат до чипот, а податоците безжично се испраќаат до компјутер. Таму, софтвер базиран на вештачка интелигенција „учи“ да ги толкува сигналите, преведувајќи ги намерите на Себ да ги движи рацете – чија функција беше прекината по несреќата – во движење на курсорот на неговиот лаптоп или телефон.

– Секој во мојата ситуација се обидува да мрдне кој било дел од своето тело за да види дали има некакво закрепнување. Сега, кога само ќе помислам да ја помрднам раката, одлично е да видам дека нешто всушност се случува. Само ќе помислите на тоа и тоа ќе се случи, рече Себ.

Неговите лекари, искусни неврохирурзи, беа подеднакво импресионирани.

– Неверојатно е. Можете да го видите нивото на контрола што го има – рече Харит Акрам, неврохирург на UCLH и главен истражувач во британското испитување. Иако проектот е сè уште во рана фаза, Акрам верува дека резултатите се ветувачки.

На Неуралинк му беа потребни речиси 10 години за да ја развие технологијата на чипови. Првиот уред беше имплантиран кај американски волонтер пред две години, а сега 21 лице во САД, Канада, Велика Британија и ОАЕ го имаат. Сите учесници страдаат од тешка парализа предизвикана од повреда на ’рбетниот мозок, мозочен удар или невродегенеративни заболувања.

Поврзани содржини