ВОЈНИТЕ И ПСИХИЧКОТО ЗДРАВЈЕ Какви последици оставаат врз човекот?

Иако изгледа далеку војната во Украина сепак може да предизвика несакани реакции кај многумина, посебно поради честото известување од фронтот.

176

Почеток на март 2022 година, а се соочуваме со турбулентни и стресни околности кои доаѓаат од Источна Европа. Без разлика каде се наоѓате во моментот, стравот и паниката можат да создадат широк спектар на деструктивни појави во телото. Има премногу информации, а нема доволно начини и време за проверка. Дополнително, во последните две години изгубивме премногу психолошки ресурси додека се навикнуваме на „новото нормално“ и преживуваме природни катастрофи, така што сега треба да се навикнеме на нешто сосема ненормално и неприфатливо – војната.

Што се трауматски искуства?






Секој трауматски настан може да остави трага врз мозокот, да делува на невролошките системи во кои е длабоко врежана меморијата и да реагира понасилно од очекуваното на кој било сличен стимул. Сите природни катастрофи се еден вид трауматично искуство.

Меѓутоа, војната се разликува по тоа што е форма на насилен и агресивен чин инициран од човекот. За разлика од жртвите на природните катастрофи, жртвите на ваквите акти на насилство имаат чувство дека намерно биле избрани за цел на злоупотреба и агресија, што ги брише нашите ставови за довербата во луѓето и фактот дека безбедноста и слободата за кои сонуваме се целосно нереални.

Како мозокот се сеќава на траумата?

Мозокот е поинтензивно активиран за непријатни и потенцијално заканувачки искуства отколку за пријатни. Траумата и доживувањето ужас оставаат значајна трага во нашата меморија. Жртвите на тешка траума доживуваат биолошки промени кои може да се проектираат години подоцна во безопасни ситуации кои нашиот мозок ги поврзува со траума врз основа на најмала сличност. За да се заштити од секое повторување на траумата, мозокот го активира лимбичниот систем, кој е директно насочен кон амигдалата, структура на мозокот која реагира како „невролошки аларм“ кога станува збор за каква било заканувачка ситуација.

Во состојба на страв, телото автоматски реагира со борба или со бегство. Тешките трауми предизвикуваат бројни невролошки процеси и може да наруши многу други функции. Состојбата на стрес ја намалува јачината на имунолошкиот одговор, што значи дека подложноста на болести е поизразена. Во исто време, нарушени се когнитивните функции, особено механизмите на учење и меморија, со оглед на тоа што мозокот е силно фокусиран само на опасностите што ги доживеал и кои, според него, многу веројатно би можеле да се повторат.

Луѓето кои преживеале војна и се обиделе да се опорават од стресните искуства, може да имаат нешто поизразено повторување на симптомите.

Иако сè уште живееме во висок степен на неизвесност, но и хипер-будност за развојот на околностите на Истокот, овој вид војна се случува за прв пат во дигиталната ера. Информациите се бројни, а проверките  мали. Проблемот што се јавува овде, особено кај луѓето кои ја преминуваат границата на нормална и опсесивна потреба за информации, се нарекува секундарна виктимизација. Во психологијата, овој термин се објаснува како индиректно изложување на една личност на луѓе кои и самите се трауматизирани – преку медиуми, социјални мрежи, приказни, видеа, слики итн. Информациите никогаш не патувале побрзо и никогаш не сме биле понестабилни во нивното примање.

Недостигот на критика и подготвеност за тешка и емотивно набиена содржина нè доведува во состојба на огромен страв кој брзо прераснува во паника. Нормално е дека сите сме загрижени и одвреме-навреме стануваме вознемирени за развојот на ситуацијата, особено кога работите стануваат покомплицирани, но оваа ситуација може да потрае ако се земат предвид историските искуства.

Секојдневното бомбардирање на мозокот со толку силно ниво на стрес ја стимулира амигдалата да го стави секој аларм на сè повисоко ниво, што долгорочно значи дека дури и пред можните опасности во нашата сопствена средина целосно ја ослабуваме способноста да се справиме со понатамошни настани.

Анксиозноста е вид вознемиреност дека некоја околност во која немаме целосен увид или контрола може да се случи и да загрози нешто што го сметаме за важно. Кога сме загрижени, сакаме да го спречиме или одложиме потенцијалниот негативен исход, но кога нешто е надвор од наша контрола како на пример, војна, факт е дека не можеме ништо да направиме за да ја спречиме или ублажиме.

Ова би значело дека нашите грижи може да доведат само до ментална преокупација и бескрајни шпекулации за „што ако“.

Познатиот невролог и психијатар Виктор Франкл, кој го преживеа Аушвиц, истакнал: „Абнормална реакција на абнормална ситуација е нормално однесување.“

Во моментов многу реакции се ненормални и сè уште не знаеме како да се справиме со ситуацијата, но тоа само значи дека треба да се работи на наоѓање начин да се одржи рамнотежата. Психолозите тврдат дека повеќето од нашите стравови никогаш не се остваруваат. Се случуваат лоши работи, исто како и добри, но не се случуваат затоа што сме се грижеле дали тоа ќе се случи или не. Треба да се знае дека времето на грижа треба да се ограничи временски, а од нас зависи дали ќе се обидеме да научиме нови однесувања кои ќе го намалат стравот и ќе ни помогнат поадекватно да се справиме со околностите.

Важноста на емпатијата и алтруизмот

Наместо неуморно да се движиме низ социјалните мрежи, треба да ја фокусираме енергијата на нешто поконструктивно, а тоа е помагање и поддршка на оние на кои моментално им е најтешко. Емпатијата е способност да се сочувствува со состојбата и чувствата на друга личност на начин на кој таа ги доживува.

Во психологијата, постои хипотеза за емпатија-алтруизам која се дефинира како претпоставка дека кога ќе доживееме емпатија со некоја личност, ќе се обидеме да ѝ помогнеме од целосно алтруистички причини, без разлика дали можеме да добиеме за возврат.

Една клучна работа во развивањето на емпатијата е фактот дека таа се заснова на самосвест. Колку сме поотворени за сопствените емоции, толку повеќе ќе бидеме вешти во читањето и разбирањето на другите.

Обидете се прво да се стабилизирате себеси за да можете да им помогнете на другите да се стабилизираат.

– Ако ви треба помош и поддршка бидејќи веќе сте во состојба на секундарна виктимизација, побарајте ја во вашата околина. Ако немате, побарајте експерти кои можат да ви помогнат.

– Намалете ја изложеноста на чести и непроверени информации. Доволно е да гледате вести еднаш или двапати дневно за да знаете што се случува, без да паднете во состојба на безнадежност и паника.

– Одржувањето рутински и вообичаени обврски и активности е од суштинско значење за да можете да ги контролирате вашите мисли. Чувството за корисност и придонес за заедницата преку работа и реализација на сопствените потенцијали е важен сегмент на зајакнување на отпорноста.

– Поминете време со драги луѓе и бидете благодарни. Толку многу повикуваме на мир во моментов, а дали некогаш сме се запрашале колку слепо сме го разбрале или сме се заблагодариле за тоа. Важно е да бидеме свесни за придобивките што ги имаме пред да ги изгубиме.

Поврзани содржини