ВОЈНАТА ВО ИЗРАЕЛ ПРЕРАСНУВА ВО БОРБА ЗА ПРЕВЛАСТ НА БЛИСКИОТ ИСТОК Што сигнализира „ѕвечкањето на сабјите“ во Црвено Море?

Напаѓајќи ги трговските бродови во Црвеното Море, бунтовниците во Јемен му сигнализираат на Хамас во Појасот Газа дека не е сам во својата борба против Израел. На сличен начин се однесуваат и шиитските милиции во Ирак, напаѓајќи ги американските бази таму, а со тоа и најважната сила што го штити Израел.

510

По екстремистичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, конфликтот се шири во целиот регион. Шиитските милиции ги напаѓаат американските воени бази во Ирак, борците на Хезболах во Либан гаѓаат со проектили врз цели во Израел, јеменските Хути напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море, посoчува Дојче Веле во анализата на состојбите на Блискиот Исток.

Дали овие напади го зголемуваат ризикот од поголеми конфликти на Блискиот Исток? И каква улога играат полиции поддржани од Иран на Блискиот Исток?






Иран ги поддржува Хутите, Саудиска Арабија му чува грб на Јемен

На Хутите долго време се гледаше како на вооружена група која само ги следи сопствените интереси. Но, тие добиваат се поголема поддршка од Иран, особено откако бунтовниците од планинскиот регион во северен Јемен го зазедоа главниот град Сана во 2014 година и ставија големи делови од земјата под нивна контрола.

Со помош на пари и оружје од Иран, Хутите не само што се борат за превласт во Јемен, туку и се бранат од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, чија цел е да ја врати соборената јеменска влада на власт.

Имено, ова го имаше на ум саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман кога неговите единици, но и армиите на други земји, во 2015 година од воздух почнаа да ги напаѓаат Хутите во Јемен. Престолонаследникот сакаше да ја добие таа војна за само неколку месеци, но сметката ја направи без крчмар – во овој случај, без Хутите. Тие користат герилска стратегија и добро ги познаваат непроодните области на Јемен.

Прокси војна во Јемен, две стратегии во Персискиот залив

По повеќегодишната војна во Јемен, кревкиот прекин на огнот е во сила само неколку месеци. Тоа стана возможно откако Саудиска Арабија и Иран се зближија со посредство на Кина. Се чини дека и двете завојувани страни во Јемен сега сфаќаат дека не можат да се победат една со друга.

Тој конфликт често се нарекува „прокси војна“. Централната влада на Јемен е поддржана од Саудиска Арабија, бунтовничките Хути се поддржани од Иран – две регионални сили кои се борат во Персискиот залив за превласт на Блискиот Исток.

Двете земји се разликуваат по тоа што саудиската армија се бори против своите противници со најсовремено оружје и во сојуз со други земји, додека за иранските интереси се борат вооружени групи во други земји. За да го постигне ова, Иран ги опремува милициите во Ирак, Сирија, Либан – а сега и Хутите во Јемен.

Хутите вршат притисок врз Израел 

Тоа, исто така, ги охрабрува Хутите не само да се борат за сопствените цели, туку и да дејствуваат во интерес на Иран.

– Со нападите врз трговските бродови во Црвеното Море, Хутите извршуваат една главна цел. Хутите се обидуваат да извршат притисок врз Израел да ја прекине војната во Газа, бидејќи тие припаѓаат на таканаречената ’оска на отпорот‘ која Иран ја поддржува во борбата против Израел. Хамас исто така е дел од тоа и исто така е вооружен од Иран – вели египетскиот политиколог Мохамед Ез ал-Араб, од Центарот за стратешки студии Ахрам со седиште во Каиро.

Напаѓајќи ги трговските бродови во Црвеното Море, бунтовниците во Јемен му сигнализираат на Хамас во Појасот Газа дека не е сам во својата борба против Израел. На сличен начин се однесуваат и шиитските милиции во Ирак, напаѓајќи ги американските бази таму, а со тоа и најважната сила што го штити Израел. Хезболах, кој е финансиран и вооружен од Иран, претходно напаѓаше цели во Израел со проектили истрелани преку граница.

Откако израелската војска ја прошири својата копнена офанзива во Појасот Газа, сојузниците на Иран исто така ги засилија своите напади. Но, самиот Иран главно се воздржува. Од револуцијата во 1979 година, Исламската Република ретко била активно вклучена во војна и речиси и да нема знаци дека нешто ќе се промени на тој план.

Затоа што ако Иран започне војна со својот најголем непријател, Израел, ќе мора да се бори и против САД. Веројатно им е јасно на властите во Иран дека во таква војна не може да се победи и тоа е можна причина зошто дури ни Хезболах сè уште не влегол во војна против Израел, освен понекогаш смртоносните судири на израелско-либанската граница.

Во игра се многу актери

Нападите на Хутите врз товарните бродови во Црвеното Море звучат како силно ѕвечкање со оружје – или можеби би било подобро да се каже ѕвечкање со сабји. Во секој случај, тоа загрижува многумина, и на Блискиот Исток и пошироко. Политикологот Мохамед Ез ал-Араб не верува дека овие закани се знак дека војната во Газа се развива во регионален конфликт. -Целта е само да се испратат одредени пораки до САД, Израел и некои арапски држави – вели Ал-Араб.

Меѓу другото, според Ал Араб, Хутите сакаат да играат поважна улога во преговорите за трајно решение на војната во Јемен. Во секој случај, во игра се многу актери – не само милициите поддржани од Иран, туку пред се оние во Техеран кои ги влечат конците.

Поврзани содржини