(ВИДЕО) КОЈ Е ГОСПОДАР НА НЕБОТО – РУСКИОТ „КИНЖАЛ“ ИЛИ АМЕРИКАНСКИОТ „ПАТРИОТ“? Клучно е кој кого ќе изненади
Американскиот систем „Патриот“, со кој располага Украина, сепак може да биде уништен од руската хиперсопнична ракета „Кинжал“, доколку се задржи елементот на изненадување во однос на насоката на нападот и од која далечина е лансирана ракетата, тврдат експертите.
Двете завојувани страни, Русија и Украина, тврдат дека го уништуваат „непобедивото“ оружје од арсеналот на другиот – кој е господар на небото, руските суперсонични ракети „Кинжал“ или „Кама“, или американските „Патриот“, коишто го користи Украина?
Украина неодамна објави дека во една ноќ соборила шест руски хиперсонични ракети „Кинжал“, што би било големо назадување во напорите на Москва да развие незапирливо оружје од следната генерација. Не беше објавено кои противвоздушни системи се користени за ова, но американската војска претходно објави дека Украина веќе соборила „Кинжал“ користејќи го системот „Патриот“.
Сега, кога Русија го употреби своето супероружје против непобедливиот штит на Западот, експертите го следат дуелот. Сепак, ќе помине извесно време пред да се процени технолошката супериорност меѓу двете оружја.
Поранешен руски борбен пилот се спротивстави на украинските тврдења и тврди дека ракетите „Кинжал“ сепак можат да го уништат системот „Патриот“, под услов да се задржи елементот на изненадување.
Можностите на руското „супер оружје“
Русија тврдеше дека со својата „Кама“ („Кинжал“) на 15 мај ги погодила „Патриотите“ во Киев, кои биле снабдени од Америка. Украинците првично го негираа тврдењето, но видео-снимката покажа дека батеријата „Патриот“ сепак била погодена од нешто. Американските власти подоцна анонимно потврдија за Ројтерс дека батеријата PAC-3 е оштетена и може да се поправи без да се отстрани системот од позицијата на распоредување. Најновите извештаи тврдат дека системите се поправени.
Поранешниот советски пилот Владимир Кондауров во интервју за news.ru изјави дека системот „Патриот“ може да биде уништен од ракетата „Кинжал“ доколку се задржи елементот на изненадување во однос на насоката на нападот и од која далечина е лансирана ракетата.
– Бидејќи опсегот на „Кинжал“ е добар, нема потреба да го лансираме од територијата на Украина. Кога МИГ-31 со „Кама“ полетува од одреден правец, сателитите и американското разузнавање ја пренесуваат оваа информација. Значи, елементот на изненадување е од витално значење – објасни пилотот.
Истрелан од МИГ-31, „Кинжал“ може да достигне брзина поголема од 10 маха и да патува од 1.500 до 2.000 километри додека носи конвенционален или нуклеарен товар. Владимир Путин го претстави во 2018 година како „супер оружје“.
„Кама“ може да се маневрира до својата цел, за разлика од другите хиперсонични ракети. Откако ќе биде лансиран, проектилот може да се ревекторира само до одредена фаза. Сепак, планираната патека или траекторија веројатно се однапред програмирани во проектилот. Тоа значи дека без оглед на положбата на матичниот авион, проектилот може да ја следи патеката на летот на целта што не е видлива.
За разлика од ракетата земја-земја „Искандер“, воздушната верзија „Кинжал“ има намалени перформанси во однос на дострелот. Проектилот е хиперсоничен, што подразбира дека е тешко да се следи, но не и невозможно. Тешко е да се следи само со радар за противвоздушна одбрана. Но, ако информациите за опсегот и за насоката се споделуваат од друг извор, како што е „Авакс“, на пример, системот може да го локализира радарското пребарување и постои можност за следење.
Еден удар или промашување – тоа е само анегдота!
Пилотот на индиските воздухопловни сили (ИАФ) тврди дека соборувањето на дојдовен проектил „Кама“ не е целосно невозможно откако ќе се најде на вистинскиот пат. Со оглед на брзината на ракетата (Кама), тоа е предизвик. Може да се користат различни средства, вклучително и ракети или ласери, или други мали и брзи проектили.
Д-р Џефри Луис, основач на ArmsControlWonk.com, отфрли каква било проценка за способностите на „Патриот“ или на „Кама“ врз основа на еден ангажман.
– Еден удар или промашување е само анегдота – изјави доктор Луис.
Тој се согласува дека тврдењето на Украина дека го пресретнува секој проектил што Русија им го испраќа е претерување. Но, смета дека и руските тврдења за непобдеивоста на „Кинжал“ се претерани.
За „Патриот“ тој вели:
– PAC-3 има одредени способности против балистички ракети со среден дострел со брзина од 3,5 километри во секунда, што е највисока проценка за „Кинжал“. Затоа, пресретнувањето дефинитивно е можно – коментира воен експерт на Твитер, за можностите на „Патриот“.
Тој го нарече сценариото за соборување на секој проектил од PAC-3 „неверојатно, но не и невозможно“. Како и да е, се смета дека РАС-3 е многу корисна аквизиција за Украина, што може да ги одврати руските напади.
Украина нема ништо поскапо од „Патриот“
„Патриот“ е најскапиот систем за единечно оружје што САД ѝ го доставиле на Украина, со вкупна цена од околу 1,1 милијарда долари: 400 милиони долари за системот и 690 милиони долари за ракетите. Големо прашање е колку ракети од типот „Кинжал“ ќе треба да се потрошат за да се уништи еден „Патриот“.
– Постојат и други фактори кои треба да се земат предвид: ако „Патриот“ стане руски ракетен магнет, тогаш, во светот со ограничени ресурси, тие проектили што Русија ги троши обидувајќи се да го убие „Патриот“ не се насочени кон украинските воени сили или кон цивилната инфраструктура. Тоа е добро – вели д-р Луис.
Инаку, „Патриот“ (што е кратенка за Phased Array Tracking Radar for Intercept on Target) е ракетен одбранбен систем земја-воздух за целосно бојно поле, развиен од „Рејтеон Технолоџис Корп“ и се смета за еден од најнапредните системи за воздушна одбрана во американскиот арсенал.
Системот првпат беше користен во борба за време на Заливската војна во 1991 година, со батерии кои ги штитеа Саудиска Арабија, Кувајт и Израел, а подоцна беше користен за време на американската инвазија на Ирак во 2003 година.
Кремљ апси „жртвени јагниња“
По украинските тврдења дека ракетите „Кинжал“ не успеале во нивните напори, Русија уапси тројца функционери под обвинение за предавство.
Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, рече дека „со оглед на тоа што украинската противвоздушна одбрана собори шест ракети Кинжал кои Русија ги рекламираше како непобедливи, потрагата и брзото именување на жртвено јагне станува неизбежно“.
Двајца програмери, Александар Шипљук и Анатолиј Маслов, беа уапсени летото минатата година. Овој април, друг инвеститор, Валери Звегницев, беше ставен во домашен притвор.