(ВИДЕО) ДЕНОТ КОГА ПРВ ПАТ МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ СЕ РАЗВИОРИ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ Сеќавање на подвигот на Мурато

На денешен ден во 1989 година, првиот Македонец, Димитар Илиевски Мурато, го освои Монт Еверест.

628

На денешен ден, пред 34 години, на 10 мај 1989 година, битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, како прв македонски алпинист се искачи и го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест (8.848 метри).

Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден на Хималаите и легендарната фотографија на Димитар снимена на врвот на планетата, точно во 18 часот по локално време.






– Диме како си? – прашуваат од македонската хималајска експедиција.

– Ептен убо… – одговора Диме, по битолски.

– Диме, сите сме горди со тебе! Браво Диме!

– И ние тука сме среќни – одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двајцата планинари од Хрватска и од Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.

Како што е познато, на 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“, се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.

Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“, во чест на Димитар Илиевски Мурато, викендов ќе го организира 34. традиционален планинарски марш, на кој учество ќе земат неколку стотици планинари од земјава и од странство. Планинарите до Димев Врв ќе стигнат преку две маршрути: првата ќе почне од Инфо центар и преку Палиснопје, Ловечка куќа и врв Пелистер води до Димев Врв, додека втората маршрута ќе стартува од Нижо Поле, потоа преку Дебел Рид, Големо Езеро, Партизански Врв, Широко Стапало и врв Пелистер, пак до Димев Врв.

Димев Врв на Пелистер

 

– Пред сите учесници ќе потсетиме на ликот и делото на Димитар Илиевски Мурато и ќе положиме цвеќе пред споменикот на Мурато што се наоѓа во дворот на планинарскиот дом „Копанки“ – вели Диме Попов, претседател на ПСК „Пелистер“ од Битола.

Како што е познато, Општина Битола, во чест на својот истакнат граѓанин, во централното градско подрачје именува улица со името на Димитар Илиевски Мурато. На родната куќа на Димитар е поставена спомен плоча. Неговиот син Јонче Илиевски, заедно со група повозрасни планинари, во 2010 година, во спомен на неговиот татко, го основаше планинарскиот спортски клуб „Димитар Илиевски Мурато“.

– Традиционалниот планинарски марш е голем предизвик и возбудување. Вљубени сме во планината, ја сакаме планината… Нашето семејство и пријателите планинари се горди што мојот татко беше првиот Македонец што го освои највискиот врв на светот Еверест – вели Јонче Илиевски.

За подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, а од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот“.

Автор: Марјан Танушевски
Фото: МИА
Видео: Архива на семејството Илиевски

Поврзани содржини