ДА СЕ СООЧИМЕ СО МРАЧНАТА СТРАНА НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Јапонскиот премиер ја претстави меѓународната рамка за регулација на ВИ
Генеративната вештачка интелигенција има потенцијал да биде витална алатка за понатамошно збогатување на светот, но мораме да се соочиме и со темната страна на вештачката интелигенција, како што е ризикот од дезинформации, рече јапонскиот премиер, Фумио Кишида.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја претстави меѓународната рамка за регулација и употреба на генеративна вештачка интелигенција (ВИ), објави Еј-пи њус.
Кишида го објави ова во говорот пред Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз.
– Генеративната вештачка интелигенција има потенцијал да биде витална алатка за понатамошно збогатување на светот, но мораме да се соочиме и со темната страна на вештачката интелигенција, како што е ризикот од дезинформации – рече Кишида.
Кога Јапонија лани претседаваше со Групата седум (Г7) водечки индустријализирани земји, таа го започна процесот на вештачка интелигенција во Хирошима за да создаде меѓународни принципи и кодекс на однесување за развивачите на вештачка интелигенција.
– Околу 49 земји и региони ја потпишаа доброволната рамка, наречена Група на пријатели на процесот на вештачка интелигенција во Хирошима – рече јапонскиот премиер.
Земјите ќе работат на имплементација на принципи и кодекси на однесување за справување со ризиците од генеративната вештачка интелигенција и „ќе промовираат соработка за да се осигураат дека луѓето ширум светот можат да имаат корист од употребата на безбедна и сигурна вештачка интелигенција“, нагласи тој.
Европската унија, САД, Кина и многу други нации се тркаат да развијат регулативи и форми на надзор за вештачката интелигенција, додека глобалните тела, како што се Обединетите нации, се борат да ги надгледуваат.