ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА СЕГА МОЖЕ ДА ВИ ГИ ЧИТА МИСЛИТЕ Каква е оваа нова технологија?
Научниците вградиле микроелектроди во делот од мозокот одговорен за говор и утврдиле дека замислувањето и обидот за изговарање зборови создаваат слична мозочна активност. Со помош на вештачка интелигенција, тие успеале да преведат замислени реченици со точност до 74%.
Експериментален мозочен имплант може да ги чита мислите на луѓето, претворајќи ги нивните внатрешни мисли во текст, објави Јуроњуз.
Во рана фаза на тестирање, научници од Универзитетот „Станфорд“ користеле уред за интерфејс мозок-компјутер (BCI) за да дешифрираат реченици што биле само помислени, но не и изговорени. Имплантот бил точен до 74% од времето.
Што се уредите за интерфејс мозок-компјутер?
BCI уредите функционираат така што го поврзуваат нервниот систем на човекот со уреди кои можат да ја интерпретираат мозочната активност, овозможувајќи му да презема дејства – како, на пример, користење компјутер или движење протетичка рака, само со мисли.
Тие се појавија како можен начин за луѓето со попречености да вратат дел од својата независност.
Можеби најпознат е имплантот Неуралинк на милијардерот Илон Маск, експериментален уред кој е во рана фаза на испитувања за безбедност и функционалност кај луѓе со одредени медицински состојби кои ја ограничуваат нивната подвижност.
Луѓето што не можат да зборуваат ќе комуницираат подобро
Најновите наоди, објавени во списанието „Сел“, би можеле еден ден да го олеснат комуницирањето на луѓето кои не можат да зборуваат, велат истражувачите.
– Ова е првпат да успееме да разбереме како изгледа мозочната активност кога само размислувате за зборување – изјави една од авторите на студијата и истражувачка на Универзитетот „Стенфорд“ во САД, Ерин Кунц.
Како е направен овој интересен уред?
Работејќи со четворица учесници, тимот вградил микроелектроди, кои ги снимаат нервните сигнали, во моторниот кортекс, делот од мозокот одговорен за говор.
Истражувачите ги замолиле учесниците да се обидат да зборуваат или да замислат дека изговараат одредена низа зборови. И двете активности активирале преклопувачки делови од мозокот и предизвикале слични типови на мозочна активност, иако во различен степен.
Потоа тие тренирале модели на вештачка интелигенција за да интерпретираат зборови што учесниците ги мислеле, но не ги изговарале на глас. Во демонстрација, мозочниот чип можел да преведе замислени реченици со точност до 74%.
Во друг тест, истражувачите поставиле лозинка за да спречат BCI уредот да ја дешифрира внатрешната мисла, освен ако корисникот прво не ја помисли лозинката. Системот ја препознал лозинката со околу 99% точност.
Лозинката? „Chitty chitty bang bang“.
Што носи иднината?
Засега, мозочните чипови не можат да ја интерпретираат внатрешната мисла без значајни безбедносни механизми. Но, истражувачите велат дека понапредните модели во иднина би можеле да го постигнат тоа.
Френк Вилет, еден од авторите на студијата и вонреден професор по неврохирургија на Универзитетот „Станфорд“, изјави дека BCI уредите исто така би можеле да се обучат да ја игнорираат внатрешната мисла.
– Оваа работа дава вистинска надеж дека говорните BCI уреди еден ден ќе можат да ја вратат комуникацијата на ниво што е исто толку течно, природно и удобно како разговорниот говор – рече тој.