ЅВЕРОВИ, ЈАС СУМ СТРАШО ПИНЏУР! Не се знае каде фашистите го однеле телото на народниот херој
Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата, изјавил началникот на полицијата во Скопје за последните денови на Страшо Пинџур.
„Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“
Вака извикал народниот херој на 19 декември 1942 година пред бугарскиот фашистички окупатор кој провалил во куќата на Јован Митрев каде Страшо се криел заедно со Мирче Ацев. Бугарите ѕверски ги измачувале Пинџур и Ацев за да добијат информации.
Страшо (Страхил) Пинџур е маркантна личност во НОБ. Бил роден на денешниот ден, 12 март 1915 година во селото Ваташа. Починал на 4 јануари 1943 година од силните измачувања на окупаторот. Ја претскажал својата смрт десет години претходно во еден личен дневник со зборовите „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.
До денес не знае каде бил однесен трупот на Страшо Пинџур. Сведоштвото на началникот на Обласната полиција во Скопје, Љубомир Јорданов, вака го опишува мачењето на Страшо.
„Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов… Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-трипати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата. Веднаш му се јавив на началникот на службата за државна безбедност, Васил Цанков дека Пинџур умрел. Тој ме праша, како тоа умрел? Не знам — му одговорив — Не претпоставував дека толку брзо може да умре.“
Потоа агентите и полицијата се обиделе да ја сокријат смртта на Пинџур, за народот да не дознае дека бил убиен во затвор. Тогаш обласниот полициски началник Симеонов наредува трупот да се закопа некаде. Ноќта агентите Тодор Ташев и Анто Георгиев го изнеле телото на Пинџур со моторцикл, но каде го однеле или дали го фрлиле во Вардар, не се знае.
Потоа Васил Цанков му наредил на агентот Јорданов заедно со агентите Ташев и Георгиев да одат во Велес, каде требало да спроведе божемна истрага околу Страшо Пинџур. Агентите на неколку километри после Велес го запреле автомобилот и истрелале рафали во ноќта.
Потоа повикале полицајци од Велес кои ја затвориле и пребарувале областа каде што пукале со назнака дека бараат затвореник кој избегал, а по неуспешната потрага, се вратиле во Велес каде Јорданов телефонирал на Цанков дека Пинџур успеал да им побегне. На ова Цанков глумел дека е лут поради тоа што Пинџур се спасил. Меѓутоа, народниот херој бил мртов.
Страшо Пинџур студирал правен факултет во Белград, бил член на КПЈ, а е познат по работата во Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Во декември 1942 дошол во Велес заедно со Мирче Ацев за да ја консолидираат работата на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ кој бил разбиен уште есента.
Тогаш бугарските фашистички власти успеале да ја најдат куќата во која тие се криеле.