🎥 ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ ВО ЦИРИХ СИ ИМААТ СВОЈ ТУНЕЛ И ПРЕСРЕЌНИ СЕ Светски шампиони, сепак, се Норвежаните во градот Берген

Повеќе од 100.000 велосипедисти го користеле новиот велосипедски тунел во Цирих, под главната железничка станица, отворен на 22 мај. Но, иако попопуларен, тунелот во Цирих може „вода да му носи“ на тунелот во градот Берген во Норвешка.

93

Во Цирих веќе не мора да се пробивате низ хаотични улици ако сте со велосипед – доволно е да се спуштите под земја. На 22 мај, градот официјално го пушти во употреба првиот тунел посветен исклучиво на велосипедисти и корисници на лесни електрични возила. Со должина од 440 метри и ширина од 6 метри, Stadttunnel е доволно простран за да овозможи брзо, удобно и безбедно минување под самата главна железничка станица.

Местото кое некогаш било резервирано за автомобили и камиони, сега е реплицирано како визија за иднината. Наместо гужва и издувни гасови – тишина, уредено осветлување и патека што изгледа како да сте во футуристички филм.






Поврзување што носи смисла

Тунелот ги спојува улиците Kasernenstrasse и Sihlquai – две точки кои порано беа делени од масивната железничка станица. Сега, наместо обиколки и лавиринти, велосипедистите заштедуваат до 15 минути сообраќаен хаос. И сето тоа без да се симнат од седло.

Во внатрешноста, освен широката патека, има и безбедносни камери, информативни табли, како и уредно обележани ленти. Не се заборавени ни оние со поголеми „коwи под педалата“: дозволено е користење и на електрични велосипеди и мопеди, но со ограничување на брзината до 20 километри на час.

Од визија до реалност

Целата инвестиција чинеше 38,6 милиони швајцарски франци – не е мала работа, но во Цирих велат дека секој франк е оправдан. Проектот се реализираше со поддршка на здружението Pro Velo Zürich, а граѓаните масовно го поддржаа уште во 2021 година, кога дури 74% гласаа „за“ на референдумот.

Идејата започна како реакција на нереализирана автомобилска магистрала, која со години го заробуваше просторот под градот. Но, наместо асфалт за мотори – добивме асфалт за педали. И тоа е повеќе од добар договор.

А замислете како е во Берген…

Цирих не е првиот што смислил вакво нешто, но дефинитивно е првиот што го направил вака елегантно. Во Берген, Норвешка, постои сличен тунел долг цели 3 километри, адаптиран за велосипеди и пешаци. Отворен е во септември 2023 година.

Возењето велосипед во најдолгиот велосипедски тунел во светот, од кој е подолго само неговото норвешко име (Fyllingsdalstunnelen), е посебно доживување. Патеката што ја красат уметнички дела и шарено осветлување, ја пробива планината Левстакен. Двете страни на обезбедуваат врски до заштитени велосипедски ленти, лесна железница, станбени и до трговски области. Овој тунел поврзува две населби (Филингсдален и Миндемирен) и го прави возењето велосипед и пешачењето побезбедно, побрзо (пократко и порамно) и заштитено од временските услови. Тунелот е отворен секој ден од 5:30 до 23:30 часот.

Тунелот во Цирих – златен стандард на урбаната мобилност

Но, швајцарскиот пример, со својата интеграција, осветлување, дизајн и непосредна практичност, се смета за нов златен стандард во урбаната мобилност. Тој има и паркинг – точно 1.240 места за велосипеди, бесплатно, со полначи за електрични модели и места за товарни велосипеди. И сѐ тоа уредено, осветлено, и – да, навистина – чисто како лабораторија.

Со овој потег, Цирих испраќа порака: времето на градови што мислат само на автомобили е поминато. Stadttunnel е симбол на нова мобилност, каде што граѓанинот, велосипедот и градот живеат во хармонија. Тоа не е само инфраструктура – тоа е манифест за тоа како сакаме да се движиме низ светот што доаѓа.

Поврзани содржини